Ѓорѓиевски и Дејвид Гета – самото тоа веќе звучи смешно!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Градоначалникот-дрон. Човекот-билборд. Сега и стручњак за електронска музика.

Орце Ѓорѓиевски излезе по концертот платен од Државна лотарија, од буџет, од пари на граѓаните, и објави дека Скопје „никогаш не било поубаво“.

Центар на светот. Центар на забавата. Град што пулсира. Па му се заблагодари на шефот на ВМРО-ОКГ, арамијата Мицкоски, за „прекрасната организација“.

Секако. Кога ќе пуштиш 5,5 милиони народни евра во бина и диџеј, дури и стиропор-кичот за момент изгледа како Париз. Тоа не е сјај на градот. Тоа е сјај на провизијата.

Ѓорѓиевски не управува со Скопје. Го рекламира. Каде што треба да се испита водата – тој пушта дрон. Таму каде што треба да се исчисти улицата – поставува билборд со коњ со пет нозе.

Наместо да го реши ѓубрето во Скопје, наместо да најде кој го загади Лепенец и Вардар, наместо да го среди градскиот сообраќај (не со тендер за автобуси на Груевски-Орбан) – тој пушта плејлиста.

Сега, откако Гета си замина, градоначалникот ни објаснува и што е светска музика.

Како да му дале микрофон на човек чија единствена експертиза е да стои пред камера и да му се поклонува на кабинетот.

Скопје не стана центар на светот. Стана центар на срамот: загадена вода, распаднат јавен превоз, дупки како стратегија, а градоначалникот објавува рецензија за диџеј како да пишува за „Ролинг Стоун“.

Независноста ја прославија со народни пари од Лотарија. Градот го прославија со лајк.

Граѓаните ќе го платат остатокот кога ќе се изгасат рефлекторите.

ВМРО-ОКГ има поделба на трудот. Мицкоски ја краде државата и пишува бајки на табла. Ѓорѓиевски ја снима бајката од воздух и ја потпишува со срце.

Едниот е шеф на бандата. Другиот е нејзин мегафон со мандат.

Не ни треба музички критичар во градоначалничка фотелја. На Скопје му треба градоначалник кој ќе ги решава проблемите на граѓаните. Скопје не е поубаво затоа што неколку вечери имаше бучава.

Скопје е истото Скопје: загадено, ограбено и управувано од човек кој повеќе верува во дрон отколку во институција.

Кога Ѓорѓиевски вели: „Ова е твојот сјај“, преведено: ова е нивниот сјаен тендер и провизија. Само тоа им сјае ним.

Вашата вода, вашите дупки и вашата сметка остануваат.

Гета си замина. Дронот остана. Бандата исто.