Соопштение за јавност
Премиерот Христијан Мицкоски треба да излезе од својот замислен свет на бајките и таканаречената елита и да ги слушне граѓаните, кои живеат тешко поради високите цени и горивата над 100 денари, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Да излезе премиерот од неговиот свет на бајките и на таканаречената елита, да ги слушне проблемите со кои граѓаните се соочуваат“, рече Филипче.
Тој посочи дека Мицкоски треба да излезе од светот во кој ја претставува Македонија како „трета економија во Европа“ и како лидер во туризмот и јавниот сообраќај, додека авиокомпаниите заминуваат од земјата, а граѓаните секојдневно се соочуваат со сè повисоки трошоци.
Најавеното намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10% е задоцнета, недоволна и манипулативна мерка, која нема суштински да им помогне на граѓаните, оцени Филипче.
„Овие мерки се многу задоцнети и нема да дадат никаков ефект, односно ќе имаат многу мал ефект, нешто што граѓаните не го заслужуваат. Тоа ќе биде само уште една манипулација, како нешто да се обидуваат да направат и да помогнат во оваа криза, а ништо суштински што треба да го почувствуваат граѓаните како олеснување“, истакна Филипче.
Горивата веќе подолго време се над 100 денари за литар и од почетокот на годината се поскапени за 50%, а Владата досега не презеде мерки за пензионерите, студентите, социјално ранливите граѓани и семејствата со повеќе деца.
„Едноставно, никој не виде бенефит, ниту некаков интерес од страна на Владата да им се помогне на граѓаните“, рече Филипче.
СДСМ предлага две конкретни мерки – целосно укинување на акцизата за горивата и намалување на ДДВ од 18% на 5%.
„Да се укине акцизата на горивата и ДДВ да се намали од 18% на 5%“, порача претседателот на СДСМ.
Со мерките на Владата, граѓанин со просечна нето-плата би можел да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер. Со мерките предложени од СДСМ би можел да купи значително повеќе гориво, 108 литри повеќе евродизел и 205 литри повеќе европсупер.
„Со нашите предлог-мерки ќе може да купи 621 литар евродизел, значи 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, односно 205 литри повеќе“, рече Филипче.
Значителна разлика ќе има и за работниците што примаат минимална плата.
„Човек со минимална плата, наместо со мерките што ги предлага Владата да може да купи 276 литри евродизел, ќе може да купи 334 литри евродизел, значи 58 литри повеќе. И наместо 288 литри евросупер – 398 литри евросупер, односно 110 литри гориво повеќе“, истакна Филипче.
Намалувањето на цените на горивата ќе влијае и врз намалувањето на цените на другите производи, нагласи тој.
„Сметаме дека ова се вистински мерки што граѓаните ги заслужуваат, затоа што ова значајно намалување на цените на горивата, со поддршка од страна на државата, може да предизвика и пад на останатите цени. Цените по маркетите се ужасни. Имаме поскапи цени од Германија – на прехранбени производи, пијалаци, на сè“, додаде претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Линк до видео:



