Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, објави дека СДСМ и коалицијата денеска поднесува Закон за финансиска поддршка на земјоделците, со која се предвидува конкретна и директна помош за сите земјоделци.
Филипче посочи дека мерките се подготвени врз основа на разговорите со земјоделците и нивните реални потреби, во услови кога земјоделците се соочуваат со сериозни проблеми со откупот и ниските откупни цени.
„Во разговор со земјоделците, врз основа на нивните реални потреби, врз основа на тоа што навистина сакаат да го видат како поддршка, нашата пратеничка група на СДСМ и коалицијата, денес ќе поднесе предлог закон за финансиска поддршка за намалување на последиците од економската криза во 2026 година врз производството и откупот на земјоделските производи. Прво, финансиска поддршка за лозарите од 8 денари за секој килограм произведено и продадено грозје од сортите Вранец и Кратошија“, рече Филипче.
Филипче посочи дека за лозарите кои нема да успеат да го продадат своето грозје, предвидена е дополнителна поддршка од 300.000 денари по хектар евидентиран лозов насад.
Предлог-мерките предвидуваат поддршка и за производителите на пиперка ајварка.
„За производителите на пиперка ајварка поддршка од 10 денари за килограм продадена пиперка, како и дополнителни 200.000 денари по хектар евидентирана засадена површина. Следно, за производителите на пченица, 5 денари по килограм, без разлика дали пченицата е продадена кај регистриран откупувач или е складирана во евидентиран склад“, посочи Филипче.
Поддршка е предвидена и за сточарите, од 8.000 денари по грло добиток, за оние сточари кои биле опфатени со програмата за 2025 година и се евидентирани и за 2026 година.
„Со законот ги опфаќаме и оризопроизводителите. Предлагаме 10 денари по килограм произведена и продадена оризова арпа кај регистриран откупувач во 2026 година. Оваа помош ќе биде дополнителна на редовните директни плаќања и на останатите мерки за 2026 година, а треба да биде исплатена од Платежната агенција најдоцна до 31 декември. Со овие пари практично земјоделците ќе ги планираат следните чекори за следната сезона, односно за 2027 година. Ова е тоа што е сега потребно“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ истакна дека предлог-мерките се креирани врз основа на барањата што земјоделците ги испорачале на терен, при што посебно ја нагласи потребата од поддршка за оние производители кои не можат да го пласираат својот род.
„Сите се опфатени со овие мерки и никој не е оставен по страна и така се направени предлог мерките во овој закон врз основа на нивните барања, затоа што сега дел од лозарите викаат: ’ гледајте, нас веќе субвенција не ни врши работа кога никој не го купува грозјето‘. И затоа бараме обесштетување и затоа е таа сума од 300.000 денари по хектар. Така да сите земјоделци се опфатени и никој нема да биде оставен на страна“, порача Филипче.
Линк до видео:
