Спасовски: 5,53 милиони евра за прославата – каде се одлуките, даноците и договорите за парите?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски побара целосна транспарентност за финансирањето и реализацијата на прославата по повод 35-годишнината од независноста, посочувајќи дека јавноста треба да знае како и за што биле потрошени милионските суми.
Спасовски посочи дека првично било кажано оти за прославата не биле потрошени пари, а потоа беа објавени информации за потрошени околу 5,53 милиони евра.
Тој укажа на користењето на 300 милиони денари од нераспределената добивка на Државна лотарија, начинот на избор на организаторот, како и ангажманот и настапот на Дејвид Гета.
Спасовски побара одговори за правната основа за користењето на средствата, за платените даноци и за дополнителните околу 40 милиони денари, односно повеќе од 600 илјади евра, обезбедени од компании.
Тој постави три прашања до министерката за финансии – дали е донесена одлука за користење на 300 милиони денари од Државна лотарија, дали се пресметани и платени сите даноци поврзани со прославата и кои компании ги обезбедиле дополнителните средства, со кои договори и по кој основ – како спонзорства или донации.

Во продолжение, интегрален текст од прашањата на Оливер Спасовски:

Имам три пратенички прашања коишто сакав да ги упатам до министерката за финансии, меѓутоа тука е сега заменик-министерот за финансии и се надевам дека ќе даде одговори на овие прашања. Сите овие прашања се од голем јавен интерес, затоа што станува збор за потрошени големи суми народни пари.
Пред да ги поставам прашањата, ќе потсетам само на хронологијата што се случуваше во изминатиот период, а тоа е во однос на прославата на јубилејот на независноста – 35 години, бидејќи не беа транспарентно изнесени сите постапки коишто биле спроведени, бидејќи и до ден-денес не се изнесени транспарентно.
Мислам дека и овој јубилеј дозволивме да го извалкаме, да го оцрниме .
И тука не мислам само на навредите коишто беа упатувани од страна на премиерот или од страна на министри, партијата итн., за талог, за вакви граѓани, за елита наспроти сите останати итн.
Меѓутоа, сакам да одам по ред.

Пред целата јавност премиерот Мицкоски излезе и рече дека за прославата на независноста се потрошени нула денари.
Кога веќе се објавија наредниот ден одредени документи и суми, се излезе повторно и рекоа дека не е нула денари, туку е некаде 5,53 милиони евра коишто се потрошени. Меѓутоа, тие не биле буџетски пари, биле пари коишто се од трговско друштво, односно од Лотарија на Македонија.
Притоа, 340 милиони денари се од Лотарија, од коишто, односно вкупната сума за прославата, од коишто 300 милиони се од Државна лотарија, а остатокот од 40 милиони, според тоа што се наведува до сега од Владата, е дека е од некакви општествено одговорни компании.

Мислам дека ставот дека тоа не се буџетски пари е став којшто никако ниту може да биде прифатен, ниту да биде реален или да биде, а да соодветствува на вистината. Добивката на државното акционерско друштво, таа не е приватна каса на ниту еден, ниту на премиерот, ниту на кој било министер, ниту на кој било од нас тука, туку се сепак пари коишто можат да бидат потрошени врз основа на една јасна правна основа, одлуките на надлежните органи и целосна финансиска документација.
Ние до денеска, и македонските граѓани, не знаеме дали е донесена каква било одлука, како биле потрошени тие 5,5 милиони евра, кој одлучи да тие фирми бидат избрани, кој одлучи да биде Гета тука и итн. И мислам дека најмалку што треба да знаеме е тоа да имаме некаква транспарентност.
Ако сите овие податоци бидат изнесени јавно, транспарентно, потврдени со документи, мислам дека можеби ќе се расчистат работите и нема да се зборува во јавност, да се шпекулира, да се нагаѓаат дали биле тоа провизии, дали биле потрошени наменски пари и така натаму и така натаму.

Според некои од документите стои дека Владата со заклучок од 167-та седница ѝ укажала на Државна лотарија да обезбеди 300 милиони денари од нераспределената добивка 24-та година и да објави јавен повик за реализација на настаните.

Но, владиниот заклучок со укажување сам по себе не претставува никаква одлука и затоа треба да се види целата постапка.

Кој предложил користење на добивката, кој ја утврдил намената, кој е овластен тоа да го направи? Да ги видиме датумите кога е носена таа одлука.
Понатаму следува изборот на организаторот. Јавен повик со рок од само пет дена и една пристигната понуда. Повикот завршува на 8 мај, а веќе на 12 мај, тоа е за четири дена, се известува јавноста дека Дејвид Гета ќе биде настанот во Македонија.

Видете, за четири дена не можете министер да доведете во Собрание за да одговара на пратенички прашања, а не Дејвид Гета за четири дена да го организирате да дојде да биде на настан. Сега, да го организирате за наредна година е прашање дали ќе биде во можност да се организира таков настан.
И овој сомнеж којшто го има се расчистува, секако, со документи, со условите на повикот, понудата, составот и, секако, дека мора и да се расчистат дилемите околу можен судир на интереси во однос на тоа кои лица учествувале во изборот, а потоа кои биле организирани, односно ангажирани во реализацијата.
Неопходно е да се утврди точната договорна и финансиска услуга на „Стардаст“ и на „Авалон Интернешнал“.

Имајќи предвид дека Авалон е фирма којашто е со блокирана сметка, претпоставувам дека оваа ќерка-фирма, „Стардаст“, е таа којашто го добива јавниот повик за организација и којашто ги ангажира изведувачите.
Самото соопштување на една сума апсолутно не може да биде отчет, ниту да се прикаже на тој начин како и на кој основ се потрошени сите овие средства.
Преминувам на прашањата.
Првото прашање ми е: дали е одржана седница на Собранието на акционери на АД Државна лотарија на која е одобрено користењето на 300 милиони денари од нераспределената добивка за финансирање на прославата на 35-годишнината од 8 Септември?
Ако е одржано Собранието, кога е одржано, дали е донесена одлука за распределба и сите детали коишто се во однос на распределбата на добивката, бидејќи тоа е една од клучните работи коишто македонската јавност има право да ги знае.

Второто прашање: дали се пресметани, пријавени и платени сите применливи даноци поврзани со организацијата и реализацијата на прославата и колкав е точниот износ на платениот данок?
Тоа треба сигурно да постои. Преглед по даночен обврзник, вид на данок, даночна основа, пресметан и уплатен износ и датум на уплати, вклучително за исплатите кон домашните и кон странските изведувачи, за приходите и за приходите од билетите коишто ги имаме, и на тој начин да се комплетира еден дел од тој мозаик којшто недостасува во целата оваа организација којашто е направена.
И моето трето прашање е: кои се фирмите или фирмата која ги обезбедила дополнителните околу 40 милиони денари, односно над 600 илјади евра за прославата? Кои се износите кои тие фирми ги дале или, ако една фирма целосно, исто така да го кажеме, кога се направени уплатите, кои се примателите на средствата и договорите врз основа на кои се обезбедени, и да ми се појасни дали ова е спонзорство или е донација, имајќи предвид дека директорот на АД Лотарија укажа дека работеле според Закон за спонзорства и донации.
Па ме интересира дали ова е спонзорство или е донација.

Линк до видеото :