Соопштение за јавност
Мицкоски нема намера да го продолжи европскиот пат, сè е лага, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање. Филипче посочи дека тврдењата на Мицкоски дека се потребни дополнителни посредници и помош од Европската Унија се само изговор и дека тој нема намера да го продолжи европскиот пат на државата.
„Сè што кажува, премиерот Христијан Мицкоски, дека е потребно да се направи, дека е потребно некаква помош, претставник Европската Унија, се е лага. Едноставно, човекот нема намера да го продолжи европскиот пат на земјата. Фон дер Лајен веќе неколку пати доаѓа тука. Во 2022 година даде конкретен предлог – и тогаш, претставниците на ВМРО во Собранието ја исвиркаа. Да ги потсетам граѓаните, стоеја со вувузели и викаа“, рече Филипче.
Во одговорот Филипче порача дека зад декларативното претставување на Мицкоски како заштитник на националните интереси, стои политика која ја оддалечува земјата од европскиот пат.
„Се претставува како бранител на националните интереси, идентитетот, јазикот. Сè е тоа лага. Сите негови лаги паднаа во вода. Ќе го враќаше името, ќе го менуваше Преспанскиот договор. Што излезе? Дека го потврди Преспанскиот договор, дека е добар. Дека никако не е загрозен јазикот. Сега ги слушам во Собранието, има еден нов трик кој што сакаат да го продадат, а тоа е дека е загрозен јазикот од страна на Бугарија, а тоа не е точно. И сега мене ќе ме обвинат дека јас сум тука бугарски платеник. Не, јас се борам за интересите на земјата. Немаме друг пат, патот кон и во Европа“, рече Филипче.
Филипче предупреди дека државата не смее повторно да пропушта шанси за напредок кон Европската Унија, особено во услови кога, како што посочи, другите четири земји веќе се движат напред. Тој побара од премиерот да каже дали има конкретен план за европската иднина на државата.
„Ако оваа шанса не се искористи, кој знае дали ќе имаме втора шанса. Нацртан им е патот на четирите земји. Две од нашето соседство, тоа се Албанија и Црна Гора, еве Украина и Молдавија. Што ќе правиме? Има ли план, премиерот? Вака ќе бидеме изолирани.Тоа што Христијан изгради ѕид околу земја се претставува како заштитник на националните интереси, тоа е само уште една негова нова голема лага. Затоа што вистинскиот развој, напредок, систем, благосостојба на граѓаните е надвор од овој ѕид кој што тој го изгради“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, укажа дека последиците од изолационистичките политики на власта веќе ги чувствуваат граѓаните преку падот на стандардот, економските проблеми и иселувањето.
„Вака ќе чекаме да сите ја напуштат земјава. Никој не сака да живее во овака земја, изолирана, во која што се чека на граници повеќе од 10 часа, во која што вака тоне стандардот, во која што нема пари да се преживее месецот. Не му проаѓаат повеќе лагите на премиерот. Изгради ѕид околу земјата“, рече Филипче.
Линк до видео:
