Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на прес-конференција во Собранието, заедно со пратеничката група, ја предупреди власта да не посегнува по парите од вториот пензиски столб. Тој порача дека обидот да се користат пензиските заштеди на граѓаните ќе предизвика граѓански револт.
„Ги предупредувам дека ќе се соочат со граѓански револт. На крај памет да не им падне, како што најави директорот, дека е можно да се инвестирале парите од пензискиот фонд во некакви проекти тука во државата. На крај памет да не им падне да посегнат по парите коишто сите ние ги одвојуваме за да имаме пари за пензии“, порача Филипче.
Тој посочи дека состојбата во пензискиот фонд се влошува, а финансиската дупка, според него, се удвоила за само две години.
„Дупката во буџетот е огромна, дефицитот е близу милијарда евра. Дупката во пензискиот фонд е огромна, се дуплираше за само две години“, истакна Филипче.
Во тој контекст, тој предупреди на намерите на власта во однос на пензиските заштеди.
„Сега сакаат да посегнат и по парите од вториот пензиски столб“, рече Филипче.
Филипче ја критикуваше и политиката на нови задолжувања, нагласувајќи дека граѓаните не чувствуваат корист од растот на долгот.
„Секојдневно најавуваат само нови задолжувања, а граѓаните од тоа не можат да видат и не видоа апсолутно никаков бенефит“, посочи Филипче.
Тој побара одговор зошто долгот продолжува да расте, додека власта тврди дека економијата напредува.
„Ако добро работат, како што кажуваат, ако расте бруто-домашниот производ навистина, зошто не се намалува долгот? Зошто расте? Ако веќе расте, зошто граѓаните не видат некој бенефит од тоа?“, праша Филипче.
Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=aG_NKyK7jbs

