Филипче: Третпат бараме минимална плата од 600 евра, власта одбива

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто за „Директно“ на Телма нагласи дека СДСМ по третпат го предлага зголемувањето на минималната плата на 600 евра, но власта нема слух за проблемите на граѓаните. Филипче посочи дека додека граѓаните едвај ги покриваат основните трошоци, ниту три минимални плати не се доволни за да се покријат трошоците од потрошувачката кошничка, а власта на Мицкоски повторно одбива да обезбеди повисок стандард за работниците.
Тој укажа дека економските политики на власта ја туркаат државата во сè подлабока економска неизвесност, а последиците јдиректно ги чувствуваат работниците, пензионерите и земјоделците.
„Нема зголемување на минималната плата. Нема пари да се зголеми минималната плата, трет пат бараме на 600 евра. Три минимални плати не се доволни да ги покријат трошоците во потрошувачката кошничка. Имаме најмала количина, една од најмалите количини на литри гориво коишто може да се купи со нашата минимална или просечна плата“, рече Филипче.
Тој посочи дека проблемот не е само во минималната плата, туку во целокупното економско управување на Владата, која не успева да обезбеди ниту раст, ниту подобар животен стандард за граѓаните.

„На дното сме во Европа. Најлоши предвидувања од Светска банка во однос на регионот за следната 2027 година. Нема да има раст. Една третина од стандардот на Европа го имаме. Ние сега имаме целосна изолација. Имаме тотална блокада на европскиот пат. Се чека на граница по 10 саати. Немаат луѓето перспектива, нема работа. Паднати се странските инвестиции“, рече Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека СДСМ не останува само на критики, туку конкретно предлага мерки, но власта ги одбива сите предлози и за работниците и за земјоделците.
„Ниту еден предлог закон не ни е прифатен. Трет пат го поднесуваме Законот за минималната плата. Го поднесуваме втор пат Законот за поддршка на земјоделство. Еве ќе видиме дали ќе го поддржат“, рече Филипче.

Филипче потсети дека СДСМ има конкретен модел за раст на платите и дека зголемувањето на примањата е можно и во услови на криза, за рзлика од Владата на ВМРО која не сака да ја зголеми минималната плата и нема резултати ниту на едно поле.
„Ние покажавме дека минималната плата може да се зголемува и во криза и јас во менаџирањето во рамки на Министерството за здравство покажав дека со заштеди може да се зголемат платите на докторите. Близу 150% беа зголемени, не се мрднати. Сега оваа власт ништо не направи“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче нагласи дека СДСМ ќе продолжи да предлага конкретни политики за повисоки плати, подобар животен стандард и поголема економска сигурност.
„Затоа стандардот, правдата, прогресивниот данок, мирот во општеството се наши приоритети. Затоа што оваа власт буквално на ниту едно поле нема перформанс и затоа идеме чекор понатаму. Не само што критикуваме аргументирано, тукуние даваме предлози и модел како ќе продолжиме понатаму“, рече Филипче.

Линк до видео:

https://www.facebook.com/TVTelma/videos/2250029542523210