Филипче од Прилеп: СДСМ го чува и го исполнува аманетот на партизаните — за слобода, вистина и правда

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

СДСМ е наследник на државотворните политики на партизаните и на вредностите на антифашистичката борба, а денес има историска улога да се спротивстави на неправдата, корупцијата и криминалната власт и да ја врати државата во служба на народот, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на маршот „Непокор. Борба. Иднина“ во Прилеп, по повод 85 години од Народното востание и антифашистичката борба.

„Маршираме да им оддадеме почит на нивната храброст и жртва. Ние сме нивните горди наследници. Го паметиме нивното дело, го почитуваме и го чуваме нивниот аманет“, истакна Филипче.

Осврнувајќи се на почетокот на востанието, Филипче потсети дека борците тргнале во нерамноправна борба без гаранција дека ќе победат, со голема храброст и силна верба во слободата. Нагласи дека од победата во Народноослободителната војна произлегла првата трајна современа македонска држава.

„Ние ја живееме слободата што тие ја дочекаа само во своите надежи“, рече Филипче, посочувајќи дека почитта кон борците носи обврска Македонија да се изгради како успешна европска држава, достоинствена за живот.

Претседателот на СДСМ нагласи дека наследството на антифашистичката борба ја обврзува партијата и денес да ги брани слободата, вистината и правдата.

„И затоа денес, кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина“, порача Филипче.

Тој повика на решителност во спротивставувањето на неправдата и на криминалната банда на власт, истакнувајќи дека таа борба се води со демократски средства.

„Ние ја имаме храброста, ја имаме решителноста, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, со Собранието и со гласот на граѓаните“, рече Филипче.

Според него, исполнувањето на аманетот на партизаните денес значи борба против корупцијата и криминалот, за подобар стандард и за достоинствен живот на работниците, земјоделците, наставниците, лекарите, младите и пензионерите.

„Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда“, нагласи Филипче.
Тој порача дека обврската на сегашната генерација е да ја чува државата, економски да ја зајакнува и да ја води напред кон Европа, силна и обединета.

„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука, дома. И тоа е нашата историска задача“, истакна Филипче.

Во обраќањето нагласи дека Македонија има свое место во Европа со својот македонски јазик, идентитет и антифашистичко наследство, а европската интеграција е заедничка национална цел.

„Тоа е децениски македонски стремеж за подобра иднина, за слободна, праведна и европска Македонија. За држава во која секој човек ќе има достоинство и иднина“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Линк до видео: