Соопштение за јавност
Мицкоски ја води економијата во бездна, состојбата во државата е катастрофална, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју на Алсат ТВ. Филипче посочи дека Владата на Мицкоски нема капацитет да се справи со кризата и да го подобри животниот стандард на граѓаните, а наместо решенија, граѓаните добиваат нови задолжувања, ниски плати и празни ветувања.
„Катастрофална е состојбата и за некои категории на граѓани и неиздржлива. Економијата, Христијан Мицкоски и оваа влада ја водат во бездна. Околу 1 милијарда евра недостасуваат во буџетот, околу 1 милијарда евра недостасуваат во Фондот за пензиско осигурување“, рече Филипче.
Филипче потсети дека Владата ги одби сите предлози на СДСМ за подобрување на животниот стандард, вклучително и предлогот за минимална плата од 600 евра.
„Ги одбиваат сите предлог-мерки за подобрување на стандардот на граѓаните. По трет пат го одбија нашиот предлог да се зголеми минималната плата на 600 евра. Повеќе од три минимални сегашни плати се потребни за едно семејство да ја наполни потрошувачката кошничка“, рече Филипче.
Тој нагласи дека незадоволството меѓу граѓаните расте токму поради лошите економски политики, неможноста да се покријат месечните трошоци и сè потешкиот живот, додавајќи дека Мицкоски е целосно оддалечен од реалноста во која живеат граѓаните и не покажува ниту разбирање ниту волја да ги реши нивните проблеми. Незадоволството како што кажа Филипче ќе расте и во следниот период.
„Поради незадоволството на граѓаните. Поради тоа што не можат да врзат крај со крај, не можат да живеат од лошите економски политики на Христијан Мицкоски. Не можат месецот да го поминат. Празни се паричниците, празни се фрижидерите. Луѓето гладуваат. Не може да не им се излезе во пресрет вака како што владее Христијан Мицкоски, ниту знае економски да ја менаџира државата, ниту има чувство како се менаџира мултиетничка држава, тој е заинтересиран само за неговите интереси“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека состојбата најдобро се гледа преку секојдневниот живот на граѓаните, нивните приходи и неможноста да им обезбедат пристоен живот на своите семејства.
„Тие гледаат како се работи економијата и како функционира државата, најдобро по нивните фрижидери и што можат да им обезбедат на децата. Зошто втор ребаланс? Ниту една држава не прави втор ребаланс. Знаете зошто е вториот ребаланс? Да се пополнат дупките, да може да се исплатат мизерно ниските плати, затоа што нема пари за нив“, рече Филипче.
Тој додаде дека последиците од лошите политики на власта го чувствуваат сите, посочувајчи дека земјоделците во сред криза се оставени сами без никаква поддршка од владата.
„Зошто не им даде пари на земјоделците? Зошто не ги зголеми откупните цени? Зошто не ги зголемат субвенциите? Догодина нема да има земјоделство, нема да има сточарство, нема да има лозови насади, затоа што знаат дека ќе им скапе грозјето како сега на нивите“, рече Филипче.



