Соопштение за јавност
Одземањето на дозволата за работа на АЛТА банка а.д. Белград од страна на Народната банка на Србија поради нарушена ликвидност и влошена финансиска состојба претставува директен системски шок за нејзината ќерка-банка во Македонија, АЛТА банка АД Битола.
Српската централа поседува 97 отсто од акциите на македонската банка. Прелевањето на кризата е неизбежно.
Ризикот е јасен. Веста за пропаѓањето на Алта Банка Србија веднаш ќе предизвика несигурност кај депонентите. Може да дојде до масовно повлекување на депозитите и до криза на ликвидност.
Постои ризик дека, пред или за време на блокадата во Србија, биле правени обиди за извлекување на ликвидноста од македонската кон српската централа преку внатрешно-корпоративни заеми или сомнителни трансфери.
Според Законот за банки, Народната банка мора да реагира веднаш.
Сопственикот во Србија оди во стечај. Народната банка мора да ги суспендира неговите гласачки права, да воведе вонредна администрација во АЛТА банка АД Битола и да бара нов купувач или да ја ликвидира банката.
Физичките лица се заштитени преку Фондот за осигурување на депозити до 30.000 евра.
Правните лица и депонентите со износи над овој лимит се соочуваат со ризик од губење на средствата.
Јавните претпријатија имаат депозити во банката. Тие депозити мораат веднаш да се заштитат.
Одговорноста на Народната банка е јасна. За да се купи банка во Македонија, се бара претходна согласност и строга проверка на потеклото на капиталот, финансиската стабилност и деловниот углед на купувачот.
Пропаѓањето на српската АЛТА банка во рекордно кратко време по регионалната експанзија покажува дека проценката била суштински погрешна.
Пред влезот во Македонија постоеја јавни предупредувања за контроверзната природа на АЛТА групацијата, нејзиниот сопственик Давор Мацура и вртоглавиот раст зависен од политички врски и државни зделки во Србија.
Бараме од Народната банка уште денес да ги превземе сите законски мерки. Бараме од обвинителството уште денес да отвори постапка.
Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески ја донесоа банката на Вучиќ во Македонија. Сега мора да одговараат.
