Талески до Савески: Зошто нема истрага за Алта банка за Мицкоски, Славески и Кочовски?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието побара од јавниот обвинител Савески конкретни одговори дали е оформен предмет, дали се преземени предистражни дејства и дали ќе се испитува евентуалната кривична одговорност на премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Трајко Славески и министерката за финансии, доколку доказите укажуваат на нивна одговорност.

„Господин јавен обвинител Савески, што повеќе треба да се случи за вие и вашето обвинителство да преземете конкретни предистражни дејства пред евентуални штети да станат уште поголеми? Дали Христијан Мицкоски, како што милува да ви кажува и да ви сугерира по телефон, и за овие работи ви се меша во вашата работа?“, праша Талески.

Тој потсети дека при изборот Савески се обврзал обвинителската функција да ја врши совесно, непристрасно и одговорно. Според Талески, повеќемесечните предупредувања за потеклото на капиталот на Алта банка бараат конкретно постапување, а не само следење на состојбите.

„Вашата функција не ви дава право селективно да одлучувате кои сомнежи заслужуваат внимание, а кои ќе ги оставите да чекаат“, нагласи Талески.

Пратеникот посочи дека граѓаните се соочуваат со страв и неизвесност околу пристапот до сопствените средства, додека носителите на највисоките функции ја префрлаат одговорноста меѓу себе.

„Имаме гувернер, министерка за финансии, премиер кои јавно си ја префрлаат одговорноста за тоа кој знаел, кој требало да знае и кој не знаел за влезот и работењето на оваа банка. И покрај сето ова, вие пред јавноста изјавувате дека обвинителството ја следи ситуацијата. Тоа и сега го потврдивте, но дека сè уште е рано да се зборува за формална истрага“, рече Талески.

Тој побара да се испитаат потеклото на капиталот, сопственичката структура, поврзаните лица и финансиските трансакции, како и евентуалните сомнителни трансфери меѓу Србија и Македонија. Дополнително, побара проверка на постапувањето на Народната банка и на евентуалното политичко влијание врз нејзините одлуки.

„Дали ќе го испитате постапувањето на гувернерот Трајко Славески? Дали при преземањето на банката биле исполнети сите законски услови? Дали Народна банка навремено ги утврдила ризиците и дали презела соодветни мерки? Дали ќе ја испитате комуникацијата на Народна банка и Владата, како и евентуалното политичко влијание врз одлуките на регулаторот“, праша Талески.

Особено ја нагласи потребата од навремено обезбедување на документацијата и финансиските траги, предупредувајќи дека одложувањето може да го отежни утврдувањето на вистината.

„Дали се обезбедени сите документи, електронска комуникација, банкарска документација и финансиски траги? Дали се преземени мерки за да не бидат уништени или прикриени доказите? Дали е побарана соработка со српските правосудни органи? Затоа што секој ден на неоправдано одолговлекување може да се зголеми ризикот од губење на докази и да се отежни утврдувањето на вистината“, истакна Талески.

На крајот, тој побара јасен одговор дали обвинителството е подготвено да постапува неселективно и да ја испита одговорноста на сите вклучени, независно од нивната функција.

„Дали сте подготвени да ја испитате евентуалната кривична одговорност на гувернерот Трајко Славески, министерката за финансии и премиерот Христијан Мицкоски, доколку доказите укажуваат на нивна одговорност? Дали сте подготвени да покажете дека во оваа држава нема недопирливи функционери?“, порача пратеникот на СДСМ, Миле Талески.

Линк до видео: