Кривична пријава на СДСМ: Од Мицкоски до Славески – сите инволвирани во Алта банка мора да одговараат!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

СДСМ денеска поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други службени и одговорни лица во Народната банка за скандалот со Алта банка.

„Бараме одговорност за сите инволвирани во Алта банка! Сите што ја отворија вратата и ја внесоа Алта банка во Македонија, што не провериле потекло на капитал, сопственик, ризик, што ја дале согласноста и што не ги заштитиле интересите на граѓаните на Македонија“, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција пред Јавното обвинителство.

Тој посочи дека кривичната пријава се однесува на сомненија за „Несовесно работење во службата“ по член 353-в и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

Пријавата ги опфаќа и постапувањето при одобрувањето на преземањето на банката, супервизорскиот надзор и проверките на сопственикот, капиталот и трансакциите.

„Бараме да се утврди зошто не била проверена репутацијата на сопственикот, потеклото на парите и ризиците за сигурноста и стабилноста на банката“, истакна Димитријевиќ.

Обвинителството треба да испита дали надлежните ги направиле потребните проверки и дали навреме ги употребиле законските механизми за заштита на граѓаните.

„Дали биле побарани информации од странските регулатори? Дали била вклучена Управата за финансиско разузнавање? Кои предупредувања биле разгледани и што било преземено?“, праша тој.

Димитријевиќ нагласи дека СДСМ бара да се обезбеди целокупната документација за преземањето на банката и да се испита улогата на сите лица што учествувале во одлучувањето.

„Во пријавата бараме прибирање на целокупното досие за преземањето, стручните елаборати, записниците, согласностите и кореспонденцијата со домашните и странските институции. Бараме проверка на прекуграничните трансакции и сослушување на сите лица што учествувале во одлучувањето и надзорот“, рече тој.

Воедно, СДСМ предлага и мерки за спречување влијание врз сведоците и документацијата.

„Бараме и мерки на претпазливост за Трајко Славески и останатите лица, вклучително привремена забрана за вршење должности на сите инволвирани, за да се спречи влијание врз сведоците и можно уништување на документацијата“, посочи Димитријевиќ.

Тој обвини дека власта се обидува да го заташка случајот и порача дека институциите мора да постапат и да ја утврдат одговорноста.

„Сакаат да го заташкаат скандалот со внесувањето на Алта банка во Македонија, да се спасат од одговорност, да сокријат сметки, трансакции, потекло на капитал… Нема да можат. На сите, буквално на сите, од Мицкоски до Славески и сите инволвирани во скандалот со Алта банка едно треба да им биде јасно: Одговорност ќе има! Доаѓа време на правдата!“ рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.

Линк до видео :