Соопштение за јавност
Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, потенцираше дека Предлог-буџетот за 2027 година не нуди ниту развој, ниту подобар животен стандард за граѓаните, а Владата продолжува да ги зголемува тековните расходи, додека средствата за капитални инвестиции и развојните програми во клучните области се недоволни или се намалуваат.
„Граѓаните не го оценуваат буџетот според бројот на милијарди денари што владата ќе ги потроши, туку според тоа дали полесно стигнуваат до лекар, дали нивните деца добиваат поквалитетно образование, дали можат да си дозволат сопствен дом, дали дишат почист воздух и дали земјоделците можат да живеат живеат од својот труд“, истакна Ковачевски.
Ковачевски предупреди дека особено загрижувачко е намалувањето за околу 60 проценти на средствата за реконструкција и проширување на јавните здравствени установи. Тој посочи дека токму овие инвестиции се неопходни за подобрување на условите во болниците и модернизација на здравствената инфраструктура.
„Здравствениот систем мора да обезбеди пократки листи на чекање, подобра достапност на лекови, навремена дијагностика и задржување на медицинскиот кадар, наместо декларативни заложби и буџетски зголемувања без конкретни резултати“, посочи Ковачевски.
За состојбите во образованието, Ковачевски посочи дека иако за оваа област се планирани околу 49 милијарди денари, развојните расходи на Министерството за образование се намалуваат за 28,5 проценти. Средствата за изградба на основни училишта се намалуваат за 59,5 проценти, а за изградба на средни училишта за дури 72,3 проценти.
Тој предупреди дека ваквите кратења значат помалку инвестиции во современи училишта, подобри услови за учениците, дигитални вештини, стручни кадри и истражувачка инфраструктура.
„Не можеме да зборуваме за дигитална трансформација, а да не вложуваме доволно во дигитални вештини, стручни кадри, современи наставни програми и поврзување на образованието со потребите на пазарот на трудот“, истакна Ковачевски.
Ковачевски се осврна и на сè поголемиот проблем со достапноста на домувањето, посочувајќи дека цените на становите во Скопје и другите поголеми градови продолжуваат да растат, поради што сè повеќе млади луѓе и семејства не можат да си дозволат сопствен дом. Дополнително, податоците од пописот покажуваат дека околу една третина од станбениот фонд во државата е ненаселен.
Ковачевски нагалси дека во Предлог-буџетот не се гледа јасна и системска политика за достапно домување, ниту долгорочни програми за поддршка на младите семејства, развој на станбен фонд за изнајмување и социјално достапни станови.
„Животниот стандард не се мери само преку номиналниот раст на платите кој едвај ги покрива инфлаторните движења. Се мери преку тоа колку останува во семејниот буџет по плаќањето на храната, енергијата, превозот, киријата, кредитите и основните услуги“, посочи Ковачевски.
Осврнувајќи се на земјоделството, Ковачевски посочи дека и покрај растот на вкупниот буџет на Министерството за околу 29 проценти, структурата на средствата отвора сериозни прашања. Средствата во програмата за финансиска поддршка во земјоделството се намалуваат од 7,3 на 6,8 милијарди денари.
Особено загрижувачко, како што нагласи, е намалувањето на средствата за водостопанство и системите за наводнување од околу 122 милиони на само 16 милиони денари, што претставува пад од речиси 87 проценти.
Ковачевски предупреди дека ваквото намалување е особено несоодветно во услови на климатски промени, суши и сè поголема неизвесност во земјоделското производство.
„Земјоделецот не може да планира производство ако нема сигурен пристап до вода, ако нема предвидливост во исплатата на поддршката и ако нема услови за складирање и пласман на производите“, истакна Ковачесвки.
Ковачевски нагласи дека на македонската економија не ѝ е потребен само раст на буџетската потрошувачка, туку пред сè раст на продуктивноста, поголема конкурентност на домашните компании, технолошки развој и работни места со повисока додадена вредност. Посебно ја истакна потребата младите да добијат реални можности за професионален развој во сопствената држава, преку квалитетни работни места, платено практикантство, пристап до прво вработување и можности за напредување.
Осврнувајќи се на вкупната структура на Предлог-буџетот, Ковачевски посочи дека се планирани приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари, со буџетски дефицит од 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП.
Тој потенцираше дека клучниот проблем е распределбата на средствата. Од вкупните расходи, 399,6 милијарди денари се наменети за тековни расходи, а само 40,8 милијарди денари за капитални расходи. Тоа значи дека околу 91 процент од буџетот оди за тековно функционирање, а само 9 проценти за капитални инвестиции.
„Кажано поедноставно, од секои 100 денари јавни пари, околу 91 денар се наменети за тековно функционирање, а само 9 денари за капитални инвестиции“, нагласи Ковачевски.
Тој предупреди дека тековните расходи се зголемуваат за околу 5,1 процент, додека капиталните расходи растат за само 1,7 проценти. Во однос на вториот ребаланс за 2026 година, капиталните расходи се зголемуваат за само околу 698 милиони денари.
Ковачевски укажа и на неусогласеноста меѓу Предлог-буџетот и Фискалната стратегија за 2027 година, подготвена од истата Влада. Во споредба со стратегијата, приходите се пониски за околу 3,1 милијарди денари, тековните расходи се повисоки за 2,2 милијарди денари, капиталните расходи се пониски за 2,7 милијарди денари, а дефицитот е повисок за 2,6 милијарди денари.
Овие разлики покажуваат дека Владата отстапува од сопствените фискални планови, со помалку средства за развој и поголеми расходи за тековно функционирање.
Ковачевски предупреди и дека планираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП е над законското фискално правило од 3 проценти. Дополнителен ризик, како што посочи, се макроекономските проекции на Владата, која очекува економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти, иако меѓународните проекции упатуваат на поумерен раст и повисоки инфлаторни притисоци.
„Прашањето е како ги троши и за кои приоритети и со какви резултати. Бидејќи на крајот успешноста на еден буџет не се мери според тоа колку милијарди денари се испланирани, туку според тоа дали граѓаните живеат подобро, дали младите гледаат перспектива, дали компаниите стануваат поконкурентни и дали државата создава услови за сигурна и одржлива иднина. Тоа е мерката која треба да се оценува предлог буџетот за 2027 година и токму според таа мерка сметаме дека овој буџет не нуди доволно силен развоен одговор на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и македонската економија. Не нуди доволно добар одговор на подобрување на услугите во здравството, подобрување на перформансите на образованието и подобрување на економските извозни потенцијали на македонската економија“, потенцираше Ковачевски.
Линк до видео:



