Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции, посочи на двојните стандарди на премиерот Христијан Мицкоски, кој во странство го потврдува Преспанскиот договор, а пред домашната јавност со години го претставува како предавство. Филипче нагласи дека Мицкоски и ВМРО дома ја градат својата политичка пропаганда врз негирање на договорот и враќање на името, додека во странство признаваат дека договорот го потврдува македонскиот идентитет.
„Преспанскиот договор беше предавство. Претседателката ќе го враќаше старото име, уставно, за време на кампањата. Никогаш немаше да го користи и така натаму. Сега Северна секаде користена, на сите меѓународни состаноци, а тука дома ни С од Северна. Христијан Мицкоски исто така велеше додека сум јас ВМРО, за мене Преспанскиот договор не е завршена работа“, рече Филипче.
Тој посочи дека Мицкоски денес во странство го потврдува она што претходно го оспоруваше, вклучително и прашањата за македонскиот идентитет и јазик, додека дома продолжува со сосема поинаква реторика.
„Пред три дена го слушаме во Германија или кај беше на некоја средба. Го потврдува идентитетот Преспанскиот договор, а јазикот е потврден во Обединетите нации. Епа двојни стандарди. Еден говор за странство, друг за дома. За да тонеме во изолација и во сиромаштија, зашто останавме и без младина и без пари. И затоа што ќе одиме во провалија со овој начин“, рече Филипче.
Филипче истакна дека токму ваквата политика на двојни стандарди ги разобличува обвинувањата на Мицкоски дека СДСМ водела предавничка политика. Тој потсети дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јасно порача дека Македонија е добредојдена во Европската Унија со својот идентитет и јазик.
„Фон дер Лајен кажа дека нас не чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 2024, туку и претходно, дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода“, рече Филипче.
Тој предупреди дека со години се создава атмосфера во која секој разговор за европската иднина на државата се прогласува за предавство, со што се потиснува европската перспектива и се оправдува изолацијата.
„Зошто никој не збори за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Чекај да не зборам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека Македонија ја пропушта можноста да биде дел од новиот бран на проширување на Европската Унија. Додека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија имаат јасен патоказ за следните чекори кон членство до 2030 година, Македонија не е дел од таа група.
„Ние бевме напред, ние бевме во пар со Албанија, па не тргнаа на страна. И сега се поставува клучното прашање зошто?“, рече Филипче.
Линк до видео:
