Прес-конференција, Коста Петров, потпретседател на СДСМ
Нашата цел е јасна – заедно ќе ја пребродиме кризата со коронавирусот и заедно ќе излеземе од оваа криза, уште похрабри и уште посилни.
Уште од самиот почеток на кризата, презедовме низа мерки преку кои со директна финансиска поддршка им помагаме на граѓаните и на компаниите полесно да ја пребродат оваа глобална криза.
Во тек е реализација на третиот пакет на економски мерки, наменет за 730.000 корисници и со вредност од 355 милиони евра. Целта на овој пакет е да ја зајакнеме приватната и јавната потрошувачка и да креираме нова, развојна македонска економија. Со овој пакет мерки ја поддржуваме нашата економија и нашите производи и услуги а со тоа и ги штитиме работните места на граѓаните но и креираме нови.
Дел од третиот пакет мерки е домашната платежна картичка „Купувам домашно“.
Вкупно 28 милиони евра им се доделуваат на 324.479 граѓани, како директна парична поддршка од државата со цел да се зголеми куповната моќ и да се стимулира приватната потрошувачка.
Средствата веќе се исплатени на деветте банки издавачи на домашната картичка, кои до 18 јули ќе им бидат поделени на граѓаните корисници на оваа мерка.
Картичка со 9.000 денари добиваат невработените, активни баратели на работа кои оствариле примања до 180.000 денари во текот на 2019 година и до 60.000 денари од јануари до април годинава, како и примателите на социјална помош.
Ваучер за домашен туризам вреден 6.000 денари и финансиска помош до 3.000 денари на платежна картичка добиваат, вработените кои за периодот од јануари до април годинава оствариле примања до 60.000 денари.
Средношколците и студентите од 16 до 29 години добиваат платежни картички со вредност од 3.000 денари, а над 4.300 здравствени работници кои се на првата линија во борбата против коронавирусот на картичка ќе добијат 40% од последната основна нето плата.
Граѓаните нема потреба да аплицираат за домашната платежна картичка, туку ќе ја добијат системски и едноставно, дури и во случај да имаат блокирана сметка.
На интернет страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk граѓаните може да се информираат за тоа дали се корисници на картичката, нејзиниот паричен износ и постапката на издавање.
Овие платежни картички и ваучери се само дел од трите пакети мерки кои обезбедуваат нова развојна македонска економија.
Ние не застануваме тука. Ќе продолжиме со креирање на нови мерки. Заедно, ќе продолжуваме да ги штитиме работните места на нашите сограѓани и заедно ќе креираме нови.
Почитувани,
Благодарам.