Почитувани граѓани,
Само со дисциплина и целосно почитување на мерките за заштита од вирусот Ковид 19 можеме да го спречиме неговото ширење.
Последните анализи и податоци покажуваат дека онаму каде што не се почитуваат мерките се зголемува бројот на заразените. Онаму каде граѓаните доследно се придржуваат до мерките за заштита драстично е намалено ширењето на вирусот.
Затоа, многу е важно сите до еден, без исклучок, да ги почитуваме мерките за заштита. Да носиме заштитна маска, марама или шал на лицето на отворено доколку не можеме да ја задржиме потребната дистанца и секогаш на затворено, да држиме физичка дистанца и да не се групираме, да ги миеме рацете почесто и да вршиме дезинфекција.
Ова се мерките што се применуваат насекаде во светот, па и во Северна Македонија. Даваат резултати само ако доследно и правилно ги почитуваме.
Решението за излез од оваа ситуација со коронавирусот лежи во сите нас.
Имаме обврска да го заштитиме нашето здравје, здравјето на нашите најблиски, на повозрасните, на хронично болните.
Сега не е време за никакви групирања, не е време за масовни прослави. Секој поголем собир, значи зголемен ризик за зараза и ново ширење на коронавирусот. Апелирам да се воздржиме од вакви групирања, за што побрзо да излеземе од оваа состојба.
Сега е време да се обединиме и да им помогнеме на здравствените работници со тоа што ќе ги почитуваме мерките за заштита и ќе дадеме директен придонес во намалувањето на заразата.
Комисијата за заразни болести, сите здравствени работници, лекарите, медицинскиот персонал секојдневно водат макотрпна и беспоштедна битка за заштита на нашето здравје. Но, ние мораме да им помогнеме со тоа што ќе ги почитуваме нивните препораки.
Изминативе денови се покажа дека вирусот не бира по етничка или религиозна припадност, ниту пак според некоја друга припадност. Тој е тука и може да дојде кај секој од нас.
Затоа, апелирам до сите граѓани. Да се обединиме и доследно да ги почитуваме мерките за заштита од коронавирусот. Доколку нашите најблиски, нашите роднини, пријатели, соседи имаат некој сомнеж или симптом, веднаш да се обратат кај нивниот матичен лекар. Треба да сме свесни дека вирусот е тука, и сите мора да внимаваме со цел да се заштитиме себе си и сите околу нас.
Само на тој начин, заеднички и обединети ќе се справиме со здравствената криза и ќе продолжиме по патот на развојот и просперитетот.