Одговор на новинарско прашање, Радмила Шекеринска, носителка на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 5
Денес во Битола на прашање од новинарите до заменик претседателката на СДСМ – Радмила Шекеринска: Дали се знае кога ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ и дали воопшто ќе продолжат?
Шекеринска одговори – Вие знаете дека направивме се да постигнеме договор и да испратиме порака и до нашите институции за спроведување на изборите и до фирмите, и до државните институции но пред се до граѓаните, дека како држава знаеме да носиме одлуки и да создаваме една предвидлива клима.
За жал во последниот период и ВМРО-ДПМНЕ избегнуваше средби на којшто работите ќе се пресечат и ќе се договорат. Ние никогаш нема да бидеме таква партија, секогаш ќе го бираме разговорот и секогаш ќе даваме предност на консензусот, меѓутоа консензус не може да значи запирање на се во државата, консензус не може да значи да се држат граѓаните и државата во заложништво.
Ние направивме се да дојдеме до договор. Ќе разговараме , ќе имаме средби секојпат кога ќе постои за тоа потреба и иницијатива, меѓутоа за нас е јасно, целта ни е на најголем можен број на граѓани да им дадеме шанса да гласаат, но од друга страна целта ни е на сите овие граѓани, дел којшто очекуваат финансиска помош од државата, дел којшто очекуваат помош за фирмите, да им дадеме шанса државата да функционира во полн капацитет.
Јас се сеќавам на многу средби со претставници на граѓаните, невладини организации особено бизнисот, прва порака која ни ја упатуваат секогаш е -” Аман кога ги правите изборите нека биде кратко, ефикасно оти се запира”.
Кај нас, ние сме во таква атмосфера и во пред изборно расположение уште од февруари. Ниту една држава ова не може да си го дозволи финансиски, економски и социјално, а особено не во сред на пандемија светска.
Затоа направивме се, ќе разговараме ама државата не смее да ја плати цената на стравот и калкулациите на ВМРО-ДПМНЕ.