Изјава на Мишел Силјаноски, советник во Советот на Општина Охрид од редовите на СДСМ
Почитувани,
Локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески е целосно посветена на важноста на инфраструктурата како основа за подобрување на квалитетот на урбаното живеење и спроведување на активности кои се во интерес на потребите на граѓаните од сите подрачја на Општина Охрид.
И покрај актуелната здравствена криза, континуирано и според предвидената динамика се реализираат сите започнати проекти. Ова особено се однесува на инвестициите за реконструкција на неколку значајни градски сообраќајници.
Со изведба на нови тротоарски површини од левата страна на улицата, деновиве финишираат завршните активности од реконструкцијата на улицата „Прва Македонска Ударна Бригада“ од крстосницата со улица „Питу Гули“ до „Стобекс“.
Во моментот се изведуваат завршни градежни активности за реконструкција на новопроектираната улица кoја минува низ поранешната касарна „Михајло Апостолски“ од улицата „Кленоец“ до населбата „Радојца Новичиќ“. Оваа нова сообраќајница значително ќе ја промени фреквенцијата на сообраќај во овој дел на градот и ќе го олесни пристапот кон населбата „Црногорци“.
Во текот на изминатиот период беше извршена комплетна реконструкција на улицата „Охридска бригада“ која долги години беше во многу лоша состојба и претставуваше проблем за жителите во овој дел на градот. Исто така, се изврши реконструкција на коловозот и тротоарите на крак од улицата „Даме Груев“ во населбата „Христо Узунов“. Овој проект беше комплетиран деновиве со поставување на соодветна хоризонтална сигнализација.
Според временската рамка, се реализираа и градежните активности од втората фаза за реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на улицата „Абас Емин“. Ова е еден од најважните инфраструктурни проекти со чија реализација ставаме крај на голем децениски проблем.
Деновиве беше комплетирана и првата фаза од реконструкцијата на улицата „15ти Корпус“. Втората фаза од реконструкцијата на оваа улица е веќе започната со изградбата на три потпорни ѕидови, а следна активност ќе биде поставувањето на атмосферска канализација на потегот до влезот на село Лескоец.
Освен инвестициите во големите инфраструктурни зафати, во текот на изминатиот период паралелно се работеше на реконструкција и асфалтирање на голем број улици на неколку локации во градот и останатите населени места.
Сите овие проекти се плод на исклучително сериозна работа која се реализира преку внимателно идентификувани потреби на граѓаните. Работиме одговорно и домаќински, со темелен пристап и голема упорност. Остануваме посветени и продолжуваме да градиме квалитетна инфраструктура, која е главна основа за современ урбан развој на Охрид и обезбедување на подобри услови за туристички напредок.