Прес- конференција, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ
Почитувани граѓани,
Денеска, после онлајн координацијата со шефовите на регионалните изборни штабови на СДСМ, ви ги презентирам заклучоците до коишто дојдовме заеднички:
Во име на СДСМ, во име на Централниот изборен штаб и во име на регионалните и општински изборни штабови во шесте изборни едници,
Им благодариме на граѓаните и на институциите за високото ниво на свест, подготвеност и одговорност при справувањето со Ковид-19.
Сега на сите ни е јасно дека преоѓаме во нова фаза, кога одиме кон нова нормалност на нашето живеење, нашето ново секојдневие.
Затоа, СДСМ ги повикува сите граѓани за уште поголема внимателност и посветеност при почитувањето на мерките и препораките. Само ако носиме заштитни маски и ако се држиме на 2 метри дистанца ќе можеме полека да го вратиме јавниот транспорт во поголема функционалност, компаниите ќе се вратат во погон, а наскоро ќе може да се активираат и дел од угостителските капацитети.
Само на овој начин, преку обезбедена епидемиолошка контрола, преку строги протоколи за новата нормалност и преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може да зборуваме и за избори.
На македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на европските интеграции.
На македонските граѓани им треба почетокот на преговорите. На македонските граѓани им се потрбни функционални институции а пред се функционален парламент.
Затоа, веднаш штом се стабилизира епидемијата, за што сме оптимисти дека брзо ќе се случи, а на основа на сите епидемиолошки и здравствени анализи на клучните надлежни институции и авторитети во здравството веднаш после тоа треба да се реализираат изборите, во првиот можен рок.
Во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови за враќање на општествените текови во функција, изборите треба да станат реалност, што поскоро.
Од здравствен аспект, најдобро е демократскиот избор на новиот македонски парламент и на новата македонска политичка влада со целокупна одговорност, да се случи во период кога короновирусот е совладан, а секако пред евентуална нова закана од повторно ширење на вирусот.
Справувањето со пандемијата принудно го стопираше изборниот процес непосредно пред стартот на предизборната кампања. Скоро на крај од сите изборни дејствија којшто беа спроведени од страна на Државната изборна комисија Собранието сега не е во функција.
А, демократијата бара Собранието да ја контролира извршната власт и да биде на располагање за нови одлуки, со полн мандат од граѓаните. Тоа е причина повеќе да продолжиме по патот на обезбедување на новата нормалност, која веќе сите ја живееме. И веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола, треба да продолжи изборниот процес и изборните дејствија, онаму каде што застана на 12 април за веќе закажаните избори.
Маските и дистанцата со сигурност стануваат наше секојдневие, ќе треба да се навикнеме на овие мерки при сите активности во секој наш нареден ден.
Обврска за сите политички чинители е на прво место да го стават здравјето на граѓаните и интересот на државата. Одговорно е да се носат одлуки растеретени од личните и теснопартиски интереси, а ниту една политичка кариера не е поважна од граѓаните.
Граѓаните прават јасна разлика меѓу одговорниот пристап и НЕодговорноста.
Во меморијата на секој од нас остана онаа срамна изјава на Мицкоски на крајот од февруари оваа година.
Мицкоски кажа дека „од СДСМ молеа бога да се случи корона вирус за да не може ВМРО-ДПМНЕ да излегува со народот на протести“.
Тогаш ја исмеваше и ја потценуваше оваа пандемија и криза.
Што е тоа што го натера Мицкоски да добие уплав од избори после 2 месеци?
Неговите неуспешни напори да го одложи членството во НАТО, да не добиемеодлука за преговори со ЕУ или неговите подметнувања и желби, здравствените институциите да не успеат во справувањето со епидемијата?
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажаа крајно неодговорно однесување во клучните моменти за здравјето на македонските граѓани. Тие се свесни за тоа и затоа бегаат од секој еден демократски мегдан. Затоа не сакаат да функционира Собранието и парламентот, затоа не сакаат нормализација и избори.
Мицкоски, граѓаните се уморни од вашето политичко и деструктивно однесување!
И покрај сите ваши напори, Северна Македонија ќе успее и ќе продолжи да чекори по вистинскиот пат. СДСМ ќе продолжи да се однесува крајно одговорно и секој следен чекор, како и до сега, ќе биде исклучиво во функција на сигурната иднина на граѓаните.
Мицкоски,
продолжи да спортуваш, така си најмалку опасен за македонското здравство, за македонската демократија и за македонските интеграции.
Затоа што крајно неодговорно во целиот овој период е да се шират лаги и да се создава паника дека здравството имало само 100 тестови а веќе илјадници луѓе се тестирани. Или крајно неодговорно е и да се тврди дека 150 илјади луѓе останале без работа кога знаеме дека таа бројка е многу помала. Само околу 6 илјади луѓе се одјавени еве на крајот на месец април. Уште многу деструкции и неодговорност видовме во целиот овој период.
Почитувани граѓани,
СДСМ и граѓаните сериозно се подготвуваат за новата реалност, за новата нормалност.
Одговорноста на политичките партии и на институциите е да направат се, колку може побрзо да го обезбедиме нормалното секојдневие на граѓаните. Сите што се спротиставуваат на оваа цел на нормализирањето на состојбите придонесуваат земјата да ни остане во вонредна, во здравствено-економска криза, а тоа не е одговорно однесување.