Прес-конференција, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Чест ми е што денеска имам можност пред целата штипска, но и македонска јавност, да го претставам кандидатот на СДСМ, иден градоначалник на Штип – доктор Сашко Николов.
Штипјани, како и граѓаните од Истокот многу добро го познаваат доктор Николов.
Целиот свој професионален и човечки ангажман Николов го има посветено на непрекината работа за граѓаните и нивното здравје. И тоа не само за Штип и штипјани, туку за сите граѓани од Источниот регион.
Со задоволство можам да кажам дека Николов е олицетворение на чесната понуда на СДСМ за овие предвремени локални избори во општина Штип.
Во изминатите години Николов се профилираше како млад и квалитетен кардиолог, основач на штипскиот Оддел за интервентна кардиологија.
Во краткиот период додека ја извршуваше функцијата пратеник во Собранието, Николов покажа како се работи посветено и одговорно во интерес на граѓаните и државата.
Немаме сомнеж дека така ќе продолжи и како градоначалник, посветено да работи во интерес на Штип и неговите граѓани.
Почитувани граѓани, драги штипјани,
Изборите во Штип на 13 декември ќе бидат целосно безбедни по здравјето на граѓаните, идентично како што беа безбедни парламентарните избори на 15 јули.
Ве повикувам да излезете и да го дадете својот глас за Сашко Николов, за Штип да продолжи да се развива и да напредува. Да не дозволиме центарот на Истокот да застане.
Во изминатите 3 години СДСМ покажа што значи вистинска грижа за граѓаните на Штип.
За тоа говорат бројните реализирани проекти: детска градинка, мост со обиколница, кружни текови, паркинг платформа, нови патишта, над 50 улици, нови тротоари, над 12 километри водоводи и канализации, реконструкција на сите училишта, на 4 спортски сали, филтер станица. Во тек е огромен и значаен проект за изградба на браната на река Отиња, покриен базен, започнува изградба на градскиот стадион.
За тоа говорат и политиките на СДСМ кои се важни за овој работнички град, како што се зголемување на минималната плата, порастот на просечната плата, проектите за враќање на парите назад кај граѓаните.
Само со Николов и СДСМ Штип може да продолжи по вистинскиот пат на развој и напредок. Само Николов и СДСМ можат да ги продолжат успешните политики на претходниот градоначалник, јас би рекол на еден од најдобрите градоначалници, Благој Бочварски.
Се друго значи неизвесност, несигурност, пат кон непознато.
На 13 декември да гласаме за доктор Сашко Николов. Со почитување на мерките и протоколите за заштита на здравјето да гласаме за развој и напредок на општина Штип.