Прес-конференција, Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Секогаш кога се носат битни законски решенија за државата и граѓаните, на површина излегува деструктивното, неодговорно и антидржавно однесување на ВМРО-ДПМНЕ.
И овој пат партијата предводена од губитникот Христијан Мицкоски се става на спротивната страна на државните и национални интереси.
Република Северна Македонија веќе деветнаесет години е без попис. Последниот попис во 2011 година не успеа токму поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ.
Денес, оваа партија повторно ја политизира оваа важна статистичка операција.
Во Собранието, пред нас пратениците е Законот за попис на населението, закон со кој се отвора простор оваа пролет да спроведеме попис согласно меѓународните стандарди, согласно прописите на Евростат.
Овој закон се заснова на транспарентност на процедурите и постапките на реализација на пописот, неутралност и објективност во сите фази на пописот, стручна независност на надлежните органи, користење научни основи во методолошкиот пристап и подготовката на резултатите, како и доверливост и заштита на индивидуалните податоци од пописот.
СДСМ има договор со граѓаните да спроведеме попис кој ќе обезбеди точни и релевантни податоци.
Целосно нејасно е зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се противат на Законот, освен ако целта не им е намерно да го проблематизираат одржувањето на пописот со цел државата и натаму да нема податоци кои се важни за креирање на среднорочни и долгорочни политики и стратегии.
Почитувани,
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да спречат одржување на попис согласно меѓународните стандарди и пракси.
Како пратеници избрани од граѓаните, имаме обврска да овозможиме сигурен и предвидлив развој на земјата, стратешкиот развој на сите институции во државата мора да се базира на квалитетни и точни податоци.
Ги повикувам сите пратеници да покажат одговорност и сериозност и да го поддржат Законот за попис на населението, за оваа пролет конечно, по скоро 19 години да ја спроведеме оваа значајна статистичка операција.