Соопштение за јавност
ВМРО-ДПМНЕ во недостиг на визија за иднината на државата и неспособност да понуди вистински решенија бара интерпелација за заменик претседателот на владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, човекот, којшто заедно со премиерот Зоран Заев и целата Влада се одважија и презедоа одговорност да ги решат заостанатите проблеми, кои се провлекуваа со децении и не држеа на страна од евроатлантските определби за кои ВМРО-ДПМНЕ се залага, но само декларативно и ништо не стори цели 16 години за време на нивното владеење, освен што успеа да не раскара со сите соседи.
Ова денеска од собраниската говорница го истакна пратеничката на СДСМ Фаница Николоска, додавајќи дека СДСМ со доаѓањето на власт во 2017 година, наследи бројни проблеми од претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која не донесе ниту една крупна политичка одлука за напредок на државата и за исполнување на заложбите и аспирациите, кои ги имаме уште од осамостојувањето.
ВМРО-ДПМНЕ остави нарушени меѓународни позиции и конфликтни внатрешни меѓунационални односи. Ваквиот нивен пристап имаше само една единствена цел, да им овозможи подолго владеење со државата, со што придонесе да слабееме економски и во секој друг поглед. Со таквото нехумано и антидржавно владеење ја доведоа државата до работ на пропаста, нагласи Николоска.
Владата предводена од СДСМ мораше брзо и храбро да носи одлуки за спас на државата, особено министерот Никола Димитров, за кого денеска бесмислено е поднесена интерпелација, нагласи Николоска, додавајќи дека денес сме 30-та земја членка на НАТО, денес македонското знаме е високо издигнато на јарболот покрај знамињата на најсилните држави во светот, денес сме пример како тоа на Балканот можат да успеат европските политики.
Таа додаде дека ЕУ денес признава дека е направена огромна грешка и неправда кон нашиот пат за членство во ЕУ, признава дека нашата земја не ги почна претпристапните преговори, само поради вето од една земја членка на ЕУ. Го поздравува преспанскиот договор и договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кои беа чекори нашата земја да стане членка на најсилната воена алијанса во светот – НАТО и да направи голем исчекор во приближувањето кон ЕУ.
Чудните ултиматуми на Бугарија, која не се однесува како пријателска, братска и соседна земја, иако и од нивна страна е потпишан договорот за пријателство и добрососедство, станаа кочница за започнување на преговорите со ЕУ, рече Николоска и изрази уверување дека и таа препрека ќе успееме да ја надминеме во наша полза.
Ќе успееме и ќе извојуваме победа на меѓународен план, Никола Димитров е еден од најзаслужните политичари за евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија и затоа сметам оваа интерпелација е неоснована, политикантска и лицемерна, нагласи пратеничката на СДСМ Фаница Николоска од собраниската говорница.