Прес-конференција, Милан Живковиќ, претседател на Комисија за труд и социјална политика на СДСМ
Почитувани новинари, почитувани граѓани
СДСМ е одговорна партија, се грижи за сите граѓани, а пред се за луѓето кои ја градеа оваа држава и го трасираа патот за младите.
Имам особено задоволство да соопштам дека 324.000 пензионери и пензионерки од овој месец земаат пензија повисока за 722 денари.
Ова е највисокиот износ за кој се покачени пензиите во последните 20 години.
Сега просечната пензија е 15.500 денари и е зголемена за 1.746 денари, во однос на 2016 година кога изнесуваше 13.754 денари.
До крајот на 2020 година пензиите ќе пораснат за вкупно до 900 денари, и ќе се зголемуваат заедно со растот на економијата, покачувањето на минималната и на просечната плата.
Зголемувањето на пензиите не се финансира со задолжувања, како што тоа паушално го правеше претходната власт, туку е резултат на домаќинското работење на СДСМ и спроведувањето на пензиската реформа.
СДСМ успеа да го стабилизира пензискиот систем и да го намали дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 3 милијарди денари. Истовремено приходите во фондот се зголемени за 10 проценти.
Почитувани,
Го враќаме достоинството на повозрасните граѓани, на нашите мајки и татковци, баби и дедовци…
Тие заслужуваат да ги поминат пензионерските денови со дигнитет и со мерки кои им го олеснуваат животот.
По 12 април продолжуваме со реализација на мерките што обезбедуваат економски раст, подобрување на животниот стандард и повеќе пари во семејните буџети.
На прав пат сме!