Прес конференција, Борис Георгиевски, градоначалник на општина Гази Баба
Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Како на централно така и на локално ниво, ВМРО-ДПМНЕ нуди само блокади, кочења и деструктивно однесување на штета на граѓаните.
Последен доказ за тоа е негласањето на Буџетот за 2020 година на општина Гази Баба од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Општина Гази Баба е без буџет за наредната година, само затоа што ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребува фактот што има мнозинство во Советот и се реши да не го гласа буџетот.
Ова е класичен пример за неодговорно, деструктивно однесување на штета на граѓаните и цела општина Гази Баба.
Ако на централно ниво ВМРО-ДПМНЕ во Собранието блокираше и се уште блокира важни закони за државата и граѓаните, на локално ниво оваа партија го блокира најважниот документ на една општина – Буџетот.
Немањето на буџет значи дека нема да може да се продолжи навремено градење на градинката во Стајковци. Да започне изградбата на фекалната канализација во населените места Гоце Делчев, Црешево и Смилковци. Општината нема да има средства да изврши ревитализација на каптажите во Раштак и Булачани. Нема да може конечно да се изградат улиците во новата населба Хиподром 2, улицата Фуштанска, како и улиците во Јурумлери и Трубарево каде се гради канализациона мрежа.
Недонесувањето на буџетот значи целосно закочување на подготовката на проектите за изградба на нови 4 детски градинки во Синѓелиќ, Инџиково, Ќерамидница и Трубарево.
Блокирани ќе бидат и проектите за изградба на спортски сали ООУ Кирил и Методиј и ООУ Наум Охридски. Закочена е и изградбата на монтажните гаражи во Автокоманда кои беа предвидени во буџетот за 2020 година. Нема да може да се врши сервисирање на уличното осветлување, ниту пак да се започне нов проект.
Се тоа на директна штета на граѓаните.
Почитувани,
Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски е ист како неговиот ментор Никола Груевски.
Партијата предводена од Мицкоски и Груевски која со години ја пустошеше државата и општината, сега безмилосно удира по граѓаните на општина Гази Баба.
Граѓаните ќе го ценат ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ и многу скоро ќе ја испорачаат казната. На 12 април ВМРО-ДПМНЕ ќе доживее нов убедлив пораз.