Соопштение за јавност
Пописот во април ќе се спроведува со целосно почитување на здравствените протоколи и мерки за заштита од коронавирусот. Здравјето на сите, како на граѓаните, така и на попишувачите ќе биде целосно заштитено, процесот на попишување ќе биде целосно безбеден од здравствен аспект.
Со оваа најмасовна и најсложена статистичка операција, ќе се добијат целосни, релевантни и сеопфатни податоци за структурата на населението, на домаќинствата и становите, кои се од особена важност за државата, институциите, општините, но и за бизнис секторот и граѓанските организации.
По цели 19 години без попис, неговото одржување оваа пролет е најважна државничка работа и врвен патриотски чин. Тој мора да биде заеднички успех на сите граѓаните, на сите општествени чинители.
Граѓаните да не подлегнуваат на манипулациите и повиците за бојкот на оваа важна статистичка операција. Бојкотот на пописот е кривично дело, постапка која не носи ништо добро за никого, чин што предизвикува штета на државните и национални интереси.
Преку учество во процесот на попишување секој поединец дава свој придонес во развојот на својата татковина, на своето населено место.