Видео обраќање на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на онлајн настанот по повод 30 години СДСМ
Другарки и другари социјалдемократи,
Нашето македонско, прогресивно социјалдемократско семејство слави голем јубилеј: 30 години посветени на граѓаните, на татковината, на општото добро.
Гордост е да се биде дел од СДСМ! Гордост е да се биде дел од државотворна партија која дала толку многу за сопствената татковина, сопствениот народ, за граѓаните.
Уште од далечните 90-ти години започнува тој пат на историски успеси за кој сведочеа тогашните генерации.
На успесите на првиот претседател Киро Глигоров, но и политиките на Владите предводени од СДСМ кои го пробиваа патот до меѓународно признавање и градењето суверена, модерна европска држава.
Токму СДСМ обезбеди иднина на новите генерации во независна македонска држава, по мирен пат во која гласот на граѓаните е светост.
Од тогаш до денеска, 30 години се преплетуваат и се надополнуваат политиките на СДСМ и патот по кој чекори нашата татковина.
Заедно со граѓаните срушивме режим, донесовме слобода и демократија. Денес, заедно со граѓаните градиме просперитетна држава на еднакви граѓани која чекори напред.
Ја остваривме една од двете стратешки цели, станавме 30 земја членка на НАТО и го забрзавме процесот на интеграција во ЕУ.
Преку домаќински и одговорни политики создадовме силна, развојна и конкурентна македонска економија што носи повисок животен стандард и шанса за сите. Економија за граѓаните, за работниците, земјоделците, за сите.
Борбата против криминалот и обезбедување правда за сите е темелна вредност на нашите денешни политики.
И во внатрешното партиското дејствување поставивме нови стандарди на политичката сцена. Со новиот начин на работа по мерит систем го градиме СДСМ како најдемократска, најотворена и најсовремена политичка партија во земјава.
Продолжуваме со дополнителна демократизација на партијата, го дигитализираме СДСМ и го отвораме за нови членови, за нови идеи и погледи.
Во тој процес се потпираме на младите како никогаш досега. Со мерки и политики отвораме шанси за секој млад човек, да се вклучи во промените, да ја искористи шанса и тука да гради иднина.
Силно вложуваме во иновативноста која е гарант за развој и напредок на целото општество, гарант за поголеми можности за младите.
Иако се соочувавме со бројни предизвици успеавме да обезбедиме правда за сите, денес институциите бескомпромисно се борат против криминалот и корупцијата, правниот систем дејствува професионално, независно и неселективно.
Тоа е уште една важна алка во градењето отворено, прогресивно и демократско општество.
Почитувани социјалдемократи,
Пред нас се сериозни и важни процеси. СДСМ повторно заедно со граѓаните ќе носи храбри одлуки со кои државата ќе оди напред, кон развој и интеграција.
Да продолжиме заедно да работиме силно и посветено. Светла да и биде иднината на нашата татковина, на нашиот народ!
Нека е честит 30 тиот роденден!
Да живее Социјдемократскиот сојуз на Македонија.