Соопштение за јавност
Како дел од третиот сет економски мерки подготвен од Владата предводена од СДСМ со цел потик на домашната потрошувачка и подршка на домашното производство и услуги е домашната платежна картичка која ќе опфати 324.479 корисници.
За оваа мерка Владата обезбедува 28 милиони евра, средства со кои се поттикнува економската активност и придонесува за ревитализирање на македонската економија во услови на КОВИД-19.
Корисници на оваа картичка се граѓани со низок доход, приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.
Потоа, вработени со низок доход, кои за периодот јануари- април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време . Тие ќе добијат 3.000 денари еднократно.
Домашна картичка во вредност од 3.000 денари добиваат и млади лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години кои се активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.
Домашна картичка ќе добијат и над 4.300 здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19, со износ од 40 отсто од последната основна нето-плата.
Добивањето на картичките е едноставно, без постапки за аплицирање , односно системски. Граѓаните ќе можат да проверат дали се во системот со внесување на матичниот број на веб страната kupuvamdomasno.gov.mk, каде е назначено и од која банка ќе можат да ги добијат.
Банките започнуваат со издавање на картичките уште оваа недела, а најдоцна треба да бидат издадени до 18 јули, а искористени најдоцна до 15 август.
На овој начин сите придонесуваме да се зачуваат што повеќе работни места, да се спречи затворањето на компании, да се помогне што полесно и подобро да се справиме со кризата која ни ја донесе Ковид 19.
Остануваме посветени на помош и поддршка на нашите граѓани, на помош и поддршка на нашата економија.