Како дел од Планот за борба против корупцијата кој предвидува справување со слабостите во системот и рационално трошење буџетски средства, Владата го усвои најавениот Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија. Ова решение е во насока на исполнување на препораките од извештаите во кои се третира состојбата со корупцијата во државата. По усвојување на овој закон, бројот на членови во управните одбори се намалува – на 7 членови во јавните претпријатија чиј основач е Владата, градот Скопје и општините во кои живеат над 50.000 жители, како и на управните одбори на меѓуопштинско јавно претпријатие, а управниот одбор на јавно претпријатие основано од општина во која живеат до 50.000 жители се намалува на пет членови. Број на членови на надзорните одбори се намалува на 3 членови. Надоместокот за членовите на управните одбори нема да може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие, додека пак, надоместокот за членовите на надзорниот одбор нема да може да биде поголем од една третина од просечната плата на вработените во јавното претпријатие. Особено е значајно што покрај рационализацијата на трошоците, овој Закон е исто така многу значаен зашто прецизно ги одредува условите кои треба да ги исполнуваат членовите на одборите и се регулира постапката за нивното пријавување и избор. Досегашните законски недоречености оставаа простор во овие тела да се најдат и лица кои воопшто не се квалификувани во областа. Сега се става крај на тоа, а управните и надзорните одбори ќе бидат помали, но поефикасни и со постручен состав.Со овие измени се очекува зголемување на ефикасноста во работењето на јавните претпријатија и намалување на секое политичкото влијание при изборот на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, а ќе се овозможи поефикасно управување и надзор на работата на јавните претпријатија. Со тоа ќе се обезбеди и подобрување на услугите кои им се пружаат на граѓаните.
![](https://sdsm.org.mk/wp-content/uploads/2025/02/IMG_0757-768x511.jpeg)