Нов изглед и функционалност добиваат амбулантите сместени во дотраените бараки во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче при увидот на градежните активности на новата амбуланта во општината Бутел изјави дека целокупниот концепт на изградба е направен со тоа што се земени сите аспекти во однос на инфраструктурата и енергетската ефикасност на моделот, внатрешниот распоред и поставеност на чекалните кои ќе спречат метеж и чекања.
„Дел од матичните лекари во примарната, но и превентивната здравствена заштита, дејноста ја обавуваа во времени објекти поставени во пост-земјотресниот период. Старите и дотраени бараки, никогаш не беа реновирани, оштетувањата беа очигледни – дотраени материјали и инсталации кои со тек на годините престанале да ги извршуваат примарните функции“, изјави Филипче.
Министерот истакна дека овој проект е реализиран согласно стратегијата за реформа на примарното здравство што значи поголем број на услуги на примарно ниво со цел на пациентите да им се пружи услуга блиску до нивните домови, а со тоа и помало оптеретување на болниците.