Соопштение за јавност
Во изминатите четири години, како никогаш досега се инвестираше во секој регион, во секоја општина, во секое населено место, тоа се гледа и тука во Битола, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев на големата граѓанска трибина во Битола на почетокот на изборната кампања пред локалните избори.
Тој нагласи дека се рехабилитираа неколку важни патни правци како делницата од обиколницата Битола во должина од осум километри, регионалниот пат Битола – Новаци и патот Прилеп – Тополчани – Битола, во фаза на проектирање е патот до границата со Грција од 13 километри, а во моментов се асфалтира влезот во Битола од Ресен.
Се изгради железничката пруга Битола – Кременица, а се гради и гасоводот Неготино – Битола во должина од 92 километри, кој е 98 отсто завршен, истакна Заев, додавајќи дека се инвестираше и во поставување на водоводни и канализациони мрежи и изградба и реконструкција на улици низ многу населени места во општината.
Офицерскиот дом е целосно реконструиран и го врати сјајот на најрепрезентативен објект во Битола, потенцираше претседателот Заев.
Заев нагласи дека како и на другите општини, така и на Битола, потребен и е континуитет на Најдоброто, а за тој континуитет гарант се СДСМ, кандидатот за градоначалник Христо Кондовски и советниците на победничката советничка листа на СДСМ и коалицијата.
Убеден сум дека битолчани на 17 октомври ќе застанат зад Христо Кондовски, но ќе застанат и зад советничката листа на СДСМ, затоа што без мнозинство во Советот, на секому ќе му биде тешко да ја води општината онака како што зацртал во Програмата, рече Заев.