Во пресрет на зимата, која скопјани највеќе ги асоцира на аерозагадување и смог, релевантни податоци покажуваат дека сепак од година в година жителите на главниот град дишат помалку загаден воздух. Неодамнешно истражување покажува дека загадувањето во Скопје се намалува постојано и без притоа за ваквата тенденција виновни да се атмосферските фактори.
Драстични промени во просечната температура во изминатите шест години нема, а и средната температура во најголемиот дел од времето се движи околу 14 степени. Речиси непроменета е и ситуацијата со ветровите во периодот од 2015-та до 2020-та година, додека пак единствена промена се регистрира кај врнежите, односно подождливи биле 2018, 2019 и 2020 година, за разлика од трите години претходно. Сепак кај загадувањето на атмосферскиот воздух и ПМ 10 честичките, ситуацијата е спротивна. Во 2019-та измерено е средно ниво на 51.53 µg/m3, кое е далеку помало од 2016-та година, со 71.91 µg/m3 средно годишно ниво на ПМ10 честички.
Оттаму заклучокот на крајот на анализата вели дека ветровите и температурата не се главниот фактор за намаленото загадување на воздухот, а подобрувањето на состојбата се должи на спроведувањето на низа активности за изведба на ново и зачувување на постојното урбано зеленило, промоцијата на велосипедот како алтернативно средство за транспорт, изведбата на нови велосипедски и пешачки патеки и реконструкцијата на постоечките, во одредена мера придонесуваат кон намалување на загадувањето на животната средина. Ситуацијата ќе се подобрува и во иднина затоа што Владата веќе спроведува проекти за зелени извори на енергија, процес кој претходно беше само споменуван од сите, но оваа Влада започна решително да го спроведува.