fbpx

Стабилно парламентарно мнозинство ќе донесе минимална плата од 18.000 денари и недела неработен ден

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес-конференција, Милан Живковиќ, претседател на Комисија за труд и социјална политика на СДСМ

Почитувани граѓанки и граѓани

Почитувани медиуми

Отворено ги прашуваме пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ Алијанса за Албанците и Левица: што имате против работничките и работниците да го добијат недела како неработен ден?

Зошто сте против 92 проценти од вработените во недела да одмараат, а преостанатите 8 проценти кои ќе работат да добиваат до 100 отсто зголемена дневница?

Всушност, знаеме зошто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Алијанса и Левица ги блокираат измените во Законот за работните односи: тоа го прават за нашето општество да не добие позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд а од тоа бенефит да имаат сите!

Ваквите измени на Законот, нормално, не им одговараа да се случат пред локалните избори.

Од истите причини ги блокираат и законските измени со кои 4.700 наставници и стручни соработници во основното и средното образование ќе добијат решение за трајно вработување со што ќе стенат правна и економска сигурност.

Од истите причини го блокираат и предлог Законот за отпис на камати на долгови, со што на над 150.000 граѓани ќе им се помогне да го решат проблемот со задоцнетото плаќање на долговите кон јавните и државни претпријатија.

Од истите причини пратениците од опозицијата најверојатно ќе се обидат да го блокираат и веќе најавеното зголемување на минималната плата на 18.000 денари планирано за јануари 2022 година.

Долго време го блокираа и субвенционирањето на платите од 14.500 денари со пакетите антикризни мерки и не ни помислија како преживуваат работниците и работничките тие неколку месеци колку што им траеше блокадата!

Пратеници од опозицијата,

вам воопшто не ви е грижа за работниците и нивните права, вие сте желни за гола власт, што впрочем и го покажавте пред целата јавност, со вашето однесување изминатите денови.

Локалните избори завршија, не успеавте да обезбедите кворум за гласање недоверба на Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а нашето парламентарно мнозинство е во процес на зголемување!

Затоа, престанете со евтините политички трикови, тргнете ги блокадите што континуирано ги поставувате – тоа деновиве ви го порачаа и синдикатите кои децидно побараа да се усвојат законите кои се во интерес на работниците и работничките.

Почитувани работнички и работници,

Ве уверуваме дека зголеменото и стабилно парламентарно мнозинство повторно ќе ги порази блокадите и опструкциите на опозицијата, а Владата предводена од СДСМ, како и досега ќе продолжи да работи во интерес на сите граѓани и граѓанки, ќе обезбеди повисока минимална плата а недела ќе биде неработен ден!

 

Последни вести