Прес-конференција на СДСМ, Дарко Каевски, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Новите влади на Република Северна Македонија и Република Бугарија, отвораат ново поглавје во односи меѓу двете соседни земји.
Вчера се одржа успешна меѓувладина седница на која беа формирани петте работни групи и се потпишаа важни меѓудржавни договори и меморандуми за проекти кои се од интерес на граѓаните од двете држави.
Двете влади и надлежните министерства ќе соработуваат во областа на инфраструктурата, земјоделството, аграрни науки, развој на малите и средни претпријатија, либерализација на превозот на стоки, намалување на цената на роамингот.
Посебен фокус ќе се стави на железничкото поврзување на двете држави како и инвестиции во важни патни делници од Коридорот 8 што оваа година ќе биде приоритет за Владата предводена од СДСМ.
Со силен интензитет на соработка и брза реализација на договорите, очекувано е веќе во следните шест месеци да се постигнат значајни резултати во сите области.
Почитувани,
Сето ова е еден значаен исчекор во унапредување на односите меѓу двете земји, исчекор кој води кон придобивки за двата народа.
Зајакнување на соработката на Северна Македонија и Бугарија преку економски, културни, образовни и младински размени, инфраструктура која поврзува, мобилност, дигитализација, брз проток на информации, е она на кое Владата предводена од СДСМ ќе се посвети во следниот период.
Очекуваме дека низ ваков отворен пристап, низ дијалог и соработка не само што ќе ја продлабочиме соработката, туку ќе најдеме заедничко прифатливо решение за отворените прашања.
Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ. Убедени сме дека во духот на европските вредности, зачувувајќи го нашето достоинство ќе успееме да најдеме решенија за отворените прашања со што ќе се надминат пречките за започнување на пристапните преговори со ЕУ.
СДСМ преку Владата што ја предводи останува посветена на обезбедување на европската иднина и засилена соработка со сите наши соседни земји.