Соопштение за јавност
Во рамки на меѓународната конференција „Еден Балкан кон ЕУ“ во организација на Прогрес Институтот, претседателот на СДСМ Зоран Заев се сретна со Меѓународниот секретар на шведската социјалдемократска партија, Јохан Хасел.
На средбата се разговараше за актуелни теми и прашања поврзани со реформите, процесот на евроинтеграција, но и за можноста за позасилена соработка помеѓу двете социјалдемократски партии.
Претседателот Заев ја реафирмираше подготвеноста на државата за спроведување на реформите клучни за интеграција во ЕУ додавајќи дека очекува новата методологија на ЕУ да биде во функција на забрзување на процесот на пристапување кон Унијата.
– Исклучително важно е да продолжи добрата соработка со ЕУ, но и соработката меѓу државите од Западен Балкан на која сите сме силно посветени, со цел целиот Балкан да биде дел од големото европско семејство бидејќи таму навистина припаѓа, порача Заев.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев изрази благодарност за поддршката што шведската социјалдемократка партија ја дава на СДСМ низ годините, како и за поддршката што Шведска постојано ја манифестира кон Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите.
Од страна на членовите на Социјалдемократската партија од Шведска беше порачано дека храбрите одлуки и сериозни реформи што ги спроведе СДСМ, треба да бидат пример за социјалдемократските партии во регионот и истовремено изразија надеж дека новата методологија за проширување ќе донесе добри вести за Северна Македонија.