ПРЕКУ ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА ДО ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА И СОЦИЈАЛНА ПРАВДА
Првите две децении на 21 век се карактеризираат со конфликти, раселување, економска несигурност, штедење и социјална нееднаквост. Зголемената социјална поларизација значи дека современите општества стануваат понееднакви од претходно. Тековните конфликти ширум светот, особено војната во Украина, како и бегалската криза во Европа само ги интензивираа повиците за правда, правичност и солидарност. Живееме во време на неизвесност и конфликт, но и време на надеж и можности за акција.
Социјалната правда во време на криза е суштинскиот столб преку кој општеството останува праведно и вредно да опстане. Праведноста како универзална вредност кон која стремиме како заедница, особено кон ранливите групи граѓани, во време на криза претставува надеж и темел за нов почеток.
Брзиот раст на енергетските пазари во текот на дваесеттиот век, како еден од најсилните импакти на економскиот развој низ светот го вклучува алармот за важноста на енергетиката врз целокупните општествени текови. Игнорирајќи ја социјалната дискусија за карактеристиките на енергетскиот сектор, и третирање на енергијата единствено како техничка и економска грижа е недостаток на современиот свет. Зголемените проблеми во овој сектор денес, пропратено со инфлацијата, ја наметнуваат потребата од пошироки размислувања за енергетиката, кои ги надминуваат стандардните технолошки или економски анализи.
Конвенционалните извори на енергија базирани на јаглен, гас и нафта несомнено се покажаа за корисни во подобрувањето на економијата на земјите изминатиот период, но од друга страна, се поевидентни станаа лошите влијанија на овие капацитети врз животната средина, а надополнето со поскапувањето на импутите за нивно функционирање станаа сериозна причина за нарушување на благосостојбата во заедниците. Имајќи го во предвид ова, стана неопходно државите да ги користат овие ресурси до одредена граница и да го свртат размислувањето кон обновливите извори на енергија. Социјалните, еколошките и економските проблеми кои се појавуваат како последица на конвенционалните извори на енергија, овде целосно се изоставуваат. Овие ресурси се еколошки, немаат емисија на штетни гасови и ослободуваат огромна количина јавни средства, претходно наменети за енергетски суровини. Обновливите извори на енергија неопходно е да станат нашиот најважен извор на електрична енергија во блиска иднина. Како неограничени ресурси, кои го ублажуваат ефектот на стаклена градина и ефектот на глобалното затоплување. Преку нив стремиме кон подобро здравје и сериозни заштеди на јавни средства.
Географската положба на нашата држава со повеќе од 280 сончеви денови, се серизен енергетски фактор кој мораме се повеќе да го користиме. Сонцето и ветрот се неограничен ресурс со кој како држава располагаме и вложувањето во системи кои ќе произведуваат енергија од нив, ќе ги подобри нашите енергетски капацитети, а индиректно ќе ја зајакне нашата целокупна економија.
Верувајќи во ова, како правилен пристап, општина Валандово стратешки и забрзано инвестира во подобрување на енергетската ефикасност на општинските објекти, искористеност на сончевата енергија и поддршка на индивидуалните иницијативи за инсталирање фотонапонски електрани. На тој начин, ги рационализираме трошењата и ги прераспределуваме јавните финансии кон социјално ранливите групи граѓани, како никогаш претходно. Поддршката е инклузивна, праведна и максимално транспарентна.
Потребен е силен концепт на меѓународно, државно и локално ниво. Мерките за штедење не се решение на долг рок. Неооходно е да ги намалиме трошењата на јавните средства, да обезбедиме нови извори на финансии и да ја втемелиме солидарноста и социјалната правда, како суштествен елемент, кој ја гарантира кохезивноста во општеството.
Предизвиците на новото време бараат повторно утврдување на приоритетите, силно заедништво и долгорочни цели кои не движат кон прогрес. Зад нас да оставиме одржлив систем, втемелен на чиста животна средина, одржлив развој и правда. Сега е вистинското време за акција. Секој од нас има одговорност.