Соопштение за јавност
Создаваме нова економска визија за европска Македонија, заедно ја менуваме нашата татковина и ќе ја промениме, во попросперитетна и стабилна земја, почитувана дома и надвор, идна горда членка на ЕУ, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски од вечерашната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ која се одржа во Кочани.
– Работевме ден и ноќ, со голема посветеност и макотрпна работа да направиме антикризен пакет да ја спасиме економијата, да го спасиме животниот стандард на граѓаните и бизнисите на компаниите. После десет месеци резултатот е видлив. Успешно реализиравме два пакета антикризни мерки, вредни 760 милиони евра, најголеми во целиот регион, додаде Ковачевски од вечерашната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Кочани.
Претседателот Ковачевски истакна дека се уште треба да се работи и посочи дека грижата на Владата ќе продолжи се до целосно надминување на последиците од кризата.
– Македонската економија беше под сериозен притисок од светската криза и неизвесноста беше огромна во светот и не само кај нас. Не се знаеше дали ќе има храна, леб, брашно, не се знаеше дали ќе има струја, парно. Знам дека секој од вас е загрижен за тоа. Знам дека секој од вас има некаков страв секогаш кога одите на пазар да купите зеленчук, масло, месо. Знам затоа што и јас одам и купувам намирници и затоа што и јас одам да пазарувам. Минатата недела отидов на пазар и сам ги видов цените. Овие цени и овие грижи не се единствени само за нашата земја. Така е на целиот Балкан, во Европа и во САД. Можеме или заедно да ја возиме оваа бура или, не дај Боже, не . Има уште многу пат до брегот, знам дека цените се сè уште превисоки, а платите се сè уште прениски. Но, ве молам да ми верувате кога ви велам дека сме на вистинскиот пат, потенцираше претседателот Ковачевски во Кочани.