Обраќање, Зоран Заев, претседател на СДСМ
Добровечер почитувани граѓани и граѓанки, како што кажа другарот Џабир Дерала!
Почитувани пратенички и пратеници , на кои што ви се поклонувам,за огромната храброст ,татковинско чувство ,патриотизам,за ова што денеска сме овде посебно изразено за правната држава.
Драги пријатели, мои сограѓани,
Чекоревме месеци и години за слободата и демократијата и денеска имаме слобода и демократија!
Парламентот ги донесе законите, за судски совет, за судовите, законот за јавните обвинители, законот за јавно обвинителство и целата лепеза на закони од правосудството!
И навистина сега правосудството, е на потег, затоа сме вечерва овде, чекориме за правда,
Почитувани сограѓани,
Собранието вчера отвори ново поглавје во реформите на правосудството.
Огромно мнозинство од пратениците застанаа зад Законот за јавно обвинителство кој е темел на градењето силна, независна и ефикасна правна држава.
Зад него застанаа 80 пратеници, зад него застанаа граѓаните и стручната јавност, зад него застанаа нашите пријатели од ЕУ и САД.
Со овој Закон, гарантирана е судска разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО.
Сите предмети ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки, за што основни индиции беа прислушуваните разговори, односно бомбите.
Нема скриена амнестија за никого, ниту за стари ниту за нови случаи. Секој што го прекршил законот ќе се соочи со одговорноста. Секој што допрва ќе го прекрши Законот ќе се соочи со одговорност. Нашиот народ е желен за правда, за ефикасна правда, за брза правда, за правична правда!
Но она што исто така е важно е тоа што со овој Закон се гарантира дека политичарите нема да можат да бираат и именуваат обвинители ниту да одлучуваат за иднината на предметите.
Да Џабир, те уверувам. Нема веќе тефтерчиња. А тие што се виновни за старите тефтери, ќе одговараат.
Тоа е важно за правдата, за државата и за еднаквоста на сите граѓани пред законите.
Покажавме пред граѓаните, покажавме пред нашите меѓународни партнери и целиот наш народ дека имаме демократски капацитет да создаваме силни и независни институции.
Со ова не само што чекориме кон правда, забрзано чекориме кон интеграција во ЕУ. И затоа денеска дополнително се радуваме.
Даваме аргумент плус пред нашите сојузници во Унијата во обезбедување на долго очекуваниот почеток на преговорите. Покажуваме дека умееме, дека можеме да спроведуваме реформи битни за граѓаните, битни за државата, битни за нашата европска иднина.
Сега на ред е Европската Унија и нејзините земји членки. Ние нашите ветувања ги исполнуваме – ред е и ЕУ да го исполни ветувањето и конечно да ги отвори првите поглавја.
Пред вас граѓаните ветивме интеграција во ЕУ и НАТО, ветивме подобар живот, ветивме правда, правичност и силна правна држава.
Поминавме низ многу премрежја додека да стигнеме овде. И затоа денеска имаме право да се радуваме . Успеавме мој народе, успеа нашата земја !
Кога во 2017 ја презедовме одговорноста да ги водиме институциите, на дело видовме што значело тоа „заробена држава“ за која ние, но и цел западен свет зборуваше. Со тоа се соочувавме во сите сектори, но најзаробена беше правната држава во правниот сектор на нашата држава.
Остатоците на Сваровски судството наместо делители на правдата, беа нејзини кочничари. Тие остатоци свесно оставаа постапките да се развлекуваат, делата да застаруваат и да се избегне разрешница секаде каде што може.
Патот до правдата е спор и тежок но сваровски судството на секој начин се обидуваше дополнително да го отежни.
Знаете ли кој беа единствените против Законот за јавно обвинителство?
Да, истите тие. Извршителот Мицкоски, неговиот шеф Груевски и цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие, и како власт, и како опозиција, ја кочеа правдата, само за да ги заштитат криминалците од сопствените редови.
На Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им беше важно ништо друго освен да испорачаат амнестија за бегалецот во Будимпешта.
Затоа сме денеска радосни, не им успеа да го блокираат овој закон.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски од вчера се целосно поразени на тема правда. И вчера целата јавност тоа го виде. Успеавме да обезбедиме двотретинско мнозинство и ве повикувам со огромен аплауз да им се заблагодариме и да ги поздравиме нашите 80 пратеници од македонскиот парламент.
Затоа почитувани сограѓани, треба да се искористи овој момент, сите да се охрабрат. Судии, обвинители, поротници! Ослободете се, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицкоски, ниту нивните инсталации не ви можат ништо!
Граѓаните, нашиот народ од кои што земаме плата, очекуваат правда – на вас е да ја испорачате правдата во Република Северна Македонија.
Вие граѓаните со право сте незадоволни од правниот систем. И јас како индивидуа, но и сите ние во СДСМ не сме задоволни од испорачаното во областа правна држава.
Затоа решивме дека ни е потребно правосудство кое ќе одлучува и носи правда, а не правосудство кое застарува предмети.
Сето тоа што требаше да го направи Владата и парламентот ,го направи. Ги усвоивме и изработивме, парламентот ги одобри и ги гласаше сите закони од реформите во правосудството. Можеше да има и побрза правда, ама требаше Заев да се јавува по телефони, з ада наредува пресуди. За тоа ли се боревме, се боревме против политичари кои што се јавуваат и нарачуваат пресуди.
Ние го ослободивме судството,и да знаат судиите и обвинителите дека го ослободивме но будно го следиме. И затоа денеска чекориме, затоа што гориме, затоа што сме жедни, затоа што сакаме правда, правда во нашата земја. Да правдата доаѓа бавно,но доаѓа!
Ако ги ослободивме обвинителите и судиите, да судат подеднакво за сите, еднакво да важи законот и правдата за сите,тоа не значи дека можат да забегаат во друга крајност. Затоа сме денеска овде , легислативата ,законодавството е донесено, нема да дозволиме затоа што и правосудството и парламентот и извршната власт,и локалната власт, постојат заради граѓаните. Овде сме со будното око, да следиме и да чекаме, правна завршница на сите случаеви. Таму каде што има докази, очекуваме транспарентни одлуки, по устав, закон и сопствено убедување на судиите. Очекуваме казни затвор, таму каде што нема докази, законот важи еднакво за сите и никој не е виновен. Затоа сме денеска овде, вака спонтано собрани, затоа што ни треба правна држава. Ни треба владеење на правото,ни треба закон еднаков за сите,затоа што тоа значи економија, затоа што тоа значи повеќе пари, во секое домаќинство. Затоа што тоа значи повеќе инвестиции, затоа што значи и причина повеќе младите да ни останат овде во државата. И додека дишеме ќе се бориме, за правда како што се боревме за слобода и демократија.
Стоиме тука пред црвената линија – и нема да ја преминеме, зашто не смее ниту партија ниту извршна власт да влезе во судска власт!
Ние не смееме и нема да се мешаме во судската власт, но имаме обврска да бараме судската власт да се менува и тоа го бараме. Го бараме денеска, овде пред судот, ќе го бараме и преку институциите и преку јавноста. Ќе го бараме постојано се додека оваа држава, овие граѓани не добијат правда.
Имаме обврска и тоа го правиме – да обезбедиме услови и за прочистување на правосудството.
Северна Македонија не смее веќе да биде заложник на лични, криминални и партиски интереси кои очигледно се уште го држат судството во заложништво.
Затоа го донесовме Законот за јавно обвинителство за да му овозможиме на обвинителскиот систем да може да работи растоварен од политички влијанија.
Сега на ред е судството. Тие да преземат одговорност.
Да се кренат чесните и професионалните и да учествуваат во прочистувањето од нечесните.
Процесот почна – имаме разрешени судии и обвинители – имаме и судски пресуди! ама тоа не е доволно!
Народот бара разрешници на сите случаи! не смее веќе судски случаи да се влечат со години. Мора да одговараат тие што предмети, пријави и пресуди чуваат во фиоки.
Тие што судат имаат обврска да пресудат. Не да одолговлекуваат постапки. Не да спасуваат криминалци. Не, правдата не смее да се одлага! Не смеат да се враќаат предмети од почеток затоа што граѓаните заслужуваат ефикасна,ефективна и транспарентна правда!
Затоа во еден крик упатуваме порака судиите и обвинителите да си преземат одговорност. Сега. Веднаш. Правиме се за да обезбедиме подобри услови за работа на судиите и обвинителите. И тоа го знаат сите во државата. Да бидат заштитени, да добиваат поголеми плати, да работат во служба на законите и правдата. Покажавме на дело, исплативме надоместоци и за 2016 година, обезбедивме услови и преговараме за уште подобри услови за непречено, независно, и финансиско независно да работат, делејќи правда. Редно е тоа да го вреднуваат преку конкретни резултати.
Народот бара правда. Народот мора да добие правда.
Само со силна правна држава, со ефикасно судство, со неселективно владеење на правото, со еднаквост пред законите можеме да зборуваме за развој и напредок, за силна и способна држава.
Тоа е вистинскиот пат.
Ние три чекори напред, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ еден чекор назад. Ние три чекори кон правда, тие еден чекор кон одбрана на криминалот.
Затоа не сме и никогаш нема да бидеме исти. Ние ќе продолжиме да работиме за граѓаните, тие ќе продолжат да работат за криминалците, оти не знаат поинаку. Ние ќе ја носиме државата кон ЕУ и НАТО, тие ќе се обидуваат да ја враќаат назад.
Затоа ќе победиме, затоа што вие граѓаните гледате кој е за правда, а кој за неправда, кој е за ЕУ и НАТО, а кој за изолација.
Затоа мои граѓани, мој народе, ние ќе бидеме гласни и ќе чекориме напред се до конечна правда. Никогаш,ама никогаш нема да престанеме да работиме на обезбедување правда и одговорност. Тоа ви го ветувам овде пред институцијата која треба и мора да испорача правда.
Правда за сите! Чекориме за правда!