Соопштение за јавност
Ние немаме друга алтернатива освен членството во ЕУ. И тој пат до ЕУ нема да е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда, полноправното членство во ЕУ. Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега, а нашето општество ќе се трансформира во општество со европски вредности, потенцира во денешното интервју за МИА претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
-Погледнете ги сите земји членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој. И нивниот пат не бил лесен, и нивната трансформација била постепена и тешка, но денес нивните граѓани имаат шанса да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да живеат европски и слободно, вели Ковачевски.
Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас. Подадените раце на поддршка од нашите пријатели, оваа шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА.