Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 19.07.2016
„Oсновното предвидување од теоријата на јавен избор е дека во отсуство на морални или законски ограничувања, демократиите ќе финансираат дел од тековната потрошувачка преку емисија на долгови, а не преку оданочување.”Ова е заклучокнапрофесорот Џејмс Бјукенен, кој доби Нобелова награда за економија заради неговиот придонес во објаснување на тоа како сопствениот интерес на политичарите и бирократите влијае врз нивното донесување на одлуки.
Зошто е проблем тековната потрошувачка да се финансира преку задолжување, а не е проблем инвестициите да се финансираат со задолжување? Инвестициите, како на пример во патишта, енергетски објекти и слично, ќе се користат од повеќе генерации, додека тековната потрошувачка се реализира веднаш од тековната генерација. Затоа е праведно тековната потрошувачка да се финансира со земање на даноци од генерацијата која ја реализира, а не е праведно да ја отплаќаат генерациите кои немаат никаква корист од неа.
Колкав ќе биде товарот на долгот на идните генерации ако со него не се финансираат инвестиции, туку тековна потрошувачка (или намалување на даноците), зависи од каматната стапка која се плаќа на долгот (r)и стапката на раст на економијата (g). Ако каматната стапка е еднаква на стапката на раст на економијата(r-g=0), тогаш каматата на долгот секоја година може да биде во целост платена со емисија на нов долг, така што стапката на долгот во однос на БДП ќе остане непроменета. Во овој случај долгот ќе биде товар само на последната генерација, а ако процесот се повторува во основа нема последна генерација.
Товар на следните генерации се создава ако каматната стапка на долгот е повисока од стапката на раст на економијата(r>g), бидејќи тогаш даноците треба да растат (или јавната потрошувачка да се намалува) за да се плати каматата на долгот. А, во нашиот случај токму r>g. На пример, каматните стапки на третата и четвртата еврообврзница изнесуваат 3,97% и 5,125% и тие се повисоки од остварениот раст на економијата во 2014 и 2015 година, 3,5% и 3,7%, како и од проценетиот раст во 2016 година, 2,3%. Секако дека високата каматна стапка е и една од негативните страни на деновиве актуелната одложена еврообврзница.
Да се вратиме на Бјукенен. Тој смета дека непостоењето на морални и законски ограничувањапри создавањето на долгови се основата на проблемот. А, во Македонија тоа и не треба посебно да се објаснува. За жал, во нашава земја од 2008 година до денес имавме прилика да видиме како силно расте јавниот долг заради следење само на интересот на политичките партии на власт, а во отсуство не само на морални и законски ограничувања, туку и на демократија. Не случајно сите поголеми задолжувања се правеа пред избори и генерално имаа само краткорочна цел – добивање на изборите. Затоа и крупни инвестиции од кои ќе имаат корист повеќе генерации не се направени, со исклучок на почетокот на изградба на патишта во последниве години и градењето на барок со гипс картон, ако тоа се смета.
Не треба да се има дилема дека постојната власт создаде долгови кои ќе претставуваат сериозен товар во блиска иднина. Така на пример, само од главниците на третата и четвртата еврообврзница доспеваат за враќање 770 милиони евра во 2020 и 2021 година, што е скоро колку две годишни плати на целата јавна администрација. А, плус не треба да бидеме изненадени ако наскоро се утврдидека долговите на јавните институции и претпријатија се поголеми од тоа што го објавуваат официјалните статистики. Такво нешто се случи во Грција во 2009 година. Затоа управувањето со јавниот долг ќе биде од витална важност за македонската економија во иднина.
Првото нешто што треба да го направи доброто управување со јавниот долг е да постави фискални правила. Тие ќе претставуваат ограничувања за политичарите на власт, кој што ќе ги оневозможат да го следат само својот сопствен краткорочен интерес и ќе овозможат да се води сметка и за долгорочниот државен интерес. На пример, едно од тие правила може да биде дека таргетираниот буџетски дефицит на среден рок да изнесува 1% од БДП, а додека тековниот буџетски дефицит да зависи и од остварената и потенцијалната стапка на раст на економијата, со цел да се овозможи антициклична фискална политика. Друго правило може да биде дека растот на тековните расходи во буџетот не смее да биде поголем од долгорочниот номинален раст на економијата, со цел да не се дозволикратењето на инвестициите за сметка на тековните расходи.
Доброто управување со јавниот долг мора да има одговорност за каматната стапка по која се прави задолжувањето. Не треба да се заборави дека постојната власт издаде еврообврзница со каматна стапка од 9,8%. Треба да се настојува каматната стапка на долгот да биде пониска или барем приближно еднаква на растот на економијата (r≤g).
Најлошата грешка што може да се направи при управувањето со долгот е да се влезе во процес на кратење на плати, пензии, социјална помош, отпуштање на вработени од јавната администрација и слично. Тоа можеби на краток рок ќе го намали долгот, но ќе направи многу луѓе помалку да трошат и ќе ја замре економијата. Наместо со кратења, долгот треба да се решава со раст на економијата (што ќе овозможи r Во оваа насока, ние мораме да го актуелизираме златното правило на јавните финансии, според кое јавните инвестиции, а не тековната потрошувачка, да можат да се финансираат со задолжување. Логиката е дека од инвестициите полза ќе имаат повеќе генерации и затоа наредните генерации можат да учествуваат од финансирањето на долгот. Дури, треба да се знае дека деновиве европските социјалдемократи и социјалисти одат чекор понатаму и размислуваат јавните инвестиции да бидат иземени од таргетите за буџетски дефицити во ЕУ, со цел да и се даде повеќе простор на фискалната политика да реализира инвестиции кои ќе го стимулираат економскиот раст. Секако, ова размислување е во спротивност со доминантната политика на кратења во Европа која не вродува со резултат. Таа го става товарот само на тековната генерација преку плаќање на повисоки даноци или преку кратење на тековната потрошувачка. И за крај. Има една добра мисла која вели: „Вие не учите да одите со следење на правила. Вие учите со активност и постојано паѓање”. Но, крајно време е за правила – за да не паднеме предлабоко.