Колумна на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски за дневниот весник „Дневник“, 25.06.2016
Гледајќи ја лепезата на ингеренции и овластувања на претседателот во парламентарниот систем на нашата држава, реално, истиот и нема голема моќ и можности многу да придонеси за добро на нашата земја. Но, со неговото непромислено и недоветно однесување, претседателот на државата, или личноста која ја извршува оваа функција, може многу да наштети.
Пример, со една несоодветна реченица може да го наруши угледот на државата, со неправилен збор може да предизвика несигурност кај граѓаните, а со лоша одлука може да предизвика хаос во земјата, масовни протести и демонстрации кои можат да ескалираат до мера на граѓанска војна.
За жал, почитувани, драги пријатели, нам граѓаните на Република Македонија во два мандата ни се случи токму ваков претседател. Претседател кој штом нешто каже, за волја на вистината многу ретко, или предизвикува смеење или револт кај мнозинството граѓани.
Серијалот гафови, наизуст изречени и во одлуки преточени силно ја потврдија оправданоста на иницијативата за импичмент на Ѓорге Иванов, односно предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на државата, која за жал, овој пат не ја достигна својата крајна цел – ослободување на функцијата од лицето кое несоодветно ја извршува истата.
Противуставното аболирање, па деаболирањето на огромен број на криминалци вградени во власта, односно аболицијата врз половина Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, едностраните и субјективни изјави и повици, недоветните говори и обраќања, наклонетоста кон владиниот криминоген врв, од Ѓорге Иванов, кој до вчера беше личност за потсмев, денес направија личност за презир и личност која буквално сее страв.
Човек просто да трепери пред телевизор во неизвесноста, што се ќе изусти овој политички гуру на Никола Груевски. Дали ќе предизвика општ хаос, ќе ја ангажира војската за несоодветна причина или можеби ќе соопшти воена состојба.
Со неговото скоро, последно обраќање, лицето Ѓорге Иванов потврди дека не само што е неспособен туку е непресметлив и опасен додека ја врши функцијата претседател на државата.
Во состојба на длабока политичка криза, кога улиците се преплавени со луѓе кои бараат правда и слобода преку достоинствени протести, Иванов се закани со можност за употреба на Армијата и нов државен удар против граѓаните и Македонија.
Иванов упорно говори за терористички организации и странски центри на моќ, а свесно ја занемарува постојната опасност на Македонија на која и’ слугува, односно криминалната структура на власт.
Наместо во име на сите граѓани, како што би требало да му личи на претседател на една држава, Иванов настапува во служба на криминалната фамилија што ја владееше Македонија во изминатите 10 години.
Откако не успеа во обидот со аболиција да ја спаси од одговорност, во скорешното обраќање Иванов се обиде да го наруши статусот, правната поставеност и работата на Специјалното јавно обвинителство и да отвори простор на друг начин правдата да биде спречена.
После овој негов говор, сите оние коишто во Собранието гласаа против предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на државата, односно против импичментот за Иванов, вечно ќе го носат товарот на срамот што и го нанесоа на Македонија.
Единствената правилна одлука што во неговиот катастрофален мандат, овој се по „популарен“ квази политичар може да ја направи, е да поднесе оставка и да замине од функцијата што ја девалвираше до максимум и ја доведе до апсурд.
Оставката на Ѓорге Иванов ќе претставува ослободување на граѓаните од еден дел на режимската структура, но истовремено и ослободување за него лично. Товарот на оваа функција се покажа преголем за професорот кој целосно ја девалвираше и претседателската и професорската улога.
Но гледајќи и од другата страна, после серијалот на критики кон Ѓорге Иванов, по аргументациите за потребата од негово предвремено заминување, чесно е да се каже и неговата полезност, кога веќе ги истрпивме неговите опасни глупости.
Единствениот бенефит од претседателствувањето на овој човек е општествената и институционална меморија за неговото комично и погубно делување која на идните генерации ќе им служи како пример кој не смее да се повтори.
Пример кој силно ќе алудира и укажува на насушната потреба, на оваа функција да се најде човек со силен интегритет, чесен и праведен човек.
Личност која во клучните моменти ќе обединува и сплотува, личност која во ниту еден момент нема да наштети на интересите на граѓаните и сопствената држава на која впрочем е претседател.
Александар Kирацовски, потпретседател на СДСМ