Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во повеќето општини во државата работат неодговорно, нефункционално, ги партизираат општините, ги покачуваат цените на општинските услуги, ги задолжуваат граѓаните и општините ги ставаат во заложништво.
Најнов пример е градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, кој започна постапка за задолжување на општината со долгорочна денарска обврзница од 5,4 милиони евра.
Муцунски успеа за само една година, Аеродром од најбогата општина во државата, да ја претвори во општина која тоне во долгови, на која и е потребно задолжување.
Исто така, не е јасно колкави ќе бидат каматите за задолжувањето и постои ризик сметката на општината да биде блокирана во следните 10 години.
Од одлуката која ја изгласа ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општината се гледа дека со овие средства планирана е изградба на 2 и пол градинки, а не 4 како што Муцунски ветуваше пред изборите. Планирани се 2 доградби на училишта и 0 нови училишта.
Со ова задолжување ниту еден проблем во Аеродром не се решава трајно. Ниту недостатокот на градинки, ниту недостатокот на училишта, ниту недостатокот на паркинг простор, ниту потребата од развиена мрежа на улици и велосипедски патеки.
Наместо развој и решавање на проблемите, аеродромци добиваат нов проблем – долг од 5,4 милиони евра кој ќе го враќаат во следните 10 години.