fbpx

Колумна на Стефан Богоев: Нешто смрди!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Нешто смрди!

Зимата неминовно не асоцира на Нова година, Божиќ, снег и зимски моменти со најблиските. Kај нас веќе со децении зимата асоцира и на загадување на воздухот.
Аерозагадувањето е микс на повеќе фактори. Некои од тие фактори се константа, не може да ги промениме, а другите зависат од сите нас директно. На пример, факт е дека Скопје е сместено во котлина и традиционално секоја зима има магла, а со тоа и идеални предуслови за зголемено загадување (маглата сама по себе не е загадување). Недостатокот на ветришта кога има магла навистина знае да ја закомплицира ситуацијата и мерните станици да покажат високо загадување. На овие фактори ние луѓето не може да влијаеме.
Но, греењето на домаќинствата, издувните гасови од возилата, запирање на ветрот со нови градби, палење кабли на отворено или погони кои загадуваат се работи кои директно зависат од нас, луѓето.
Тука секако најголема одговорност имаат оние кои ги носат одлуките и ги раководат институциите. И кога ќе се спомне загадување, честопати луѓето велат “никој ништо не прави”. Ајде да видиме дали е така!?

Според најновата студија за загадувањето изработена од Министерство за животна средина, а финансирана од УНДП и СИДА, примарен извор на загадување во Скопје и поголемите градови е греењето на дрва во домакинствата. Затоа во минатиот мандат ние градоначалниците на СДСМ субвенциониравме со ЕСМ замена на печки на дрва со клима инвертери. Десетици илјади домаќинства го заменија начинот на загревање и сега не загадуваат. Зошто оваа акција не ја продолжија со ист интензитет градоначалниците на ДПМНЕ, не знам, но знам дека токму тоа е еден од главните начини како да се намали аерозагадувањето.
Второ, менувавме и котли на мазут и нафта кои загадуваат со еколошки системи на греење или фотоволтаици во некои од градинките. Така сме намалиле илјадници килограми на штетни честички во воздухот или во нечии бели дробови. Покрај тоа, скоро во сите општини предводени од СДСМ имаше и интензивна промена на прозорци и врати или обнови на фасади на градинки и училишта со цел енергетска ефикасност. Сега вакви активности во општините предводени од ДПМНЕ и Левица може да се набројат на прсти. На една рака!
Воведовме субвенции на велосипеди и тротинети како превоз кој не загадува, градот набави еколошки автобуси, садевме илјадници нови дрвја секоја година, расчистувавме депонии, санкциониравме потпалувачи, набавувавме нови машини во општините за одржување на хигиената. Можевме и повеќе и грешевме, но едноставно екологијата ни беше во фокусот! Од тоа не отстапивме. И имавме ефект. Сетете се дека пред 8 години ПМ10 и ПМ 2.5 честичките ги меревме во илјадници, а сега во сто до двесте. Сето тоа е резултат на ова што погоре го набројав. 4 години се премалку за да се реши, но работевме на случајот. И бројќите покажуваат дека сме успеале да намалиме.

А што се случува сега!?
Екологијата е во фокус, но за криминал. Мицкоски и Арсовска се скараа за тендер за пречистителна станица од 130 милиони евра кои СДСМ ги обезбеди. Така тие гледаат на екологијата. Го нема бесплатниот автобуски превоз кој го ветуваа и кој ќе го намали загадувањето. Нема нови еколошки автобуси и нема еко јавен превоз. Дури и постојниот е нередовен и граѓаните се принудени да влезат во возило и да загадуваат. Па видете ги, дури нема градоначалник од ДПМНЕ кој воопшто спомнува екологија. Ниту дивите депонии се чистат, ниту се санкционираат загадувачи, а се штанцаат одобренија за градење на згради кои дополнително ќе го задушат градот. Ставките за животна средина во општините на ДПМНЕ и Левица се на најниско историско ниво!
А загадувањето на воздухот може да се реши! Долготраен, но едноставен е процесот. Ние успеавме од илјадници да го намалиме на стотици. Но некој треба да ја доврши работата.

Коалицијо “Девица” (ДПМНЕ + Левица), доста се бавите со смрдени бизниси, засукајте ракави и решете ја смрдеата на воздухот.
Власт сте во општините и градот Скопје, одговорноста е ваша!

Последни вести