fbpx

Интегрално обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на граѓанската трибина „На прав пат“ во Скопје

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интегрален текст од денешното обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на граѓанската трибина „На прав пат“ во Скопје

 

Добар Ви ден добри луѓе со добра мисла.

Добар Ви ден граѓанки и граѓани на главниот ни град.

Добар Ви ден Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други.

Убава е оваа глетка пред мене, глетка која ме прави радосен, расположен и бескрајно горд, глетка која кажува дека денес во Скопје сите патишта воделе кон оваа сала, а само еден пат води од салава до нашата главна цел. Тоа е патот за кој не постојат алтернативи, тоа е единствениот пат по кој се движиме, оти само за него знаеме. Ете затоа велиме НА ПРАВ ПАТ, силно верувајќи дека само правите и праведните се НА ПРАВ ПАТ.

Другарки и другари,

Денес можеме гордо да кажеме: Времињата на несигурност и на нестабилност се зад нас.

Северна Македонија е на јасен, чист пат, заедно со најсилните сојузи во светот.

Тргнуваме по пат кој ни обезбедува подобар и повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината.

Од оваа најголема и благородна цел нема отстапување.

На следните избори Северна Македонија ќе избира меѓу напредок и уназадување. Ние треба да ги охрабриме сите граѓани да изберат напредок.

Зашто само тој избор е победнички.

Направивме многу. А имаме уште многу што да кажеме и што да направиме. Затоа нема скршнување од патот на победата.

Бидете уверени дека поставените темели се силни. Ако на моменти ни се чини дека напредокот се остварува бавно, тоа е затоа што е реален. Градиме за да трае.

Другарки и другари, победата бара посветеност и дисциплина.

Од секој од нас зависи, секој од нас може и умее!

Ќе победиме, затоа што успеавме и успеваме и тоа му е јасно на секого.

Ќе победиме затоа што се друго е враќање назад кон старите проблеми, кавги дома и со соседите.

Затоа, ајде да се договориме!

Да се договориме дека секој член на СДСМ, секој од нас, до изборите, ќе почитува и ќе промовира меѓу своите другарки и другари во партијата, три принципи, три столбови и три правила, за сигурна победа на СДСМ.

Нашето прво правило е постојано да зборуваме за успесите, економијата на прво место!

Владата под раководство на СДСМ има огромни успеси на сите полиња. Особено во економијата, социјалните политики и интеграциите.

Неопходно е постојано да зборуваме за успесите постојано да сме посветени на успесите!

Еве зошто: Може ли две и пол да биде повеќе и подобро од 11?

Може! Затоа што за две и пол години направивме и повеќе и подобро за домашната економија, во споредба со пустошот направен претходните 11 години.

После две и пол години водење силна и одговорна економска политика, граѓаните почнаа да ги чувствуваат придобивките. Преку зголемените плати и пензии, преку намалените трошоци, преку мерките за поврат на средства и преку помошта која ја обезбедивме за ранливите.

Невработеноста во третиот квартал на 2019 година е намалена на рекордно ниски 17,1%.

Само во овој период отворени се нови 5.263 работни места и во моментов има 799.546 вработени.

Само за 9 квартали отворени се 59.564 нови работни места.

Отвораме повеќе нови фабрики!

За 2 години, Владата потпиша 34 нови договори за странски и домашни инвестиции. Од нив, 12 фабрики се изградени, а 22 фабрики се во процесот на изградба.

Тоа се речиси двојно поголеми резултати во споредба со истите периоди од 2013 до 2015, и од 2015 до јуни 2017.

Растат странските инвестиции!

За две години, во Северна Македонија се инвестираа 741 милиони евра.

Фокусот на економијата, заедно со членството во НАТО ќе донесе уште повеќе странски инвестиции.

И тоа е доказ дека сме на ПРАВИОТ ПАТ!

Денес, на Северна Македонија се гледа како на безбедна и заштитена земја, мозаик од можности, со Влада која е тука да помогне да се отвори бизнис и да се инвестира.

Тоа е успех. Тоа се историски остварувања!

Во изминатите две и пол години спроведовме реформи кои го преобразија системот на социјална заштита.

Придобивките од социјалната реформа, денес директно ги чувствуваат над 120.000 наши сограѓани. Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти.

Денес, околу 27.000 семејства добиваат гарантиран минимален приход, во висина нас 11 илјади денари месечно, а претходно добивале социјална помош во висина од околу 3.000 денари.

Над 27.000 деца во моментот земаат детски додаток. Образовниот додаток го земаат 8 и пол илјади деца. Социјална пензија користат над 4 илјади возрасни лица.

Ние згриживме 12 илјади стечајни работници. Сите тие добиваат над 8.000 денари месечно, се до нивното пензионирање.

Исправивме долгогодишната неправда кон овие наши сограѓани, кои не по своја вина, ниту волја, останале без работа и без месечни примања.

Придобивките од целокупната економска реформа и севкупните економски политики, но и политиките на градење на пријателство и меѓусебно почитување дома и со соседите, веќе ги користат и ги чувствуваат 322.000 наши пензионери, којшто за еден ипол месец добијат по 900 денари зголемена пензија, вкупно за овие 2,5 години повеќе од 1.700 денари зголемена пензија. Најслабо платените работници дочекаа за 5.500 денари повисока минимална плата, тоа се 90.000 семејства во нашата земја, сите 800.000 вработени во нашата земја имаат корист од зголемената просечна плата од 2.297 денари. Вработените во градинките, образованието, културата, здравството, армијата, центрите за социјална политика имаат зголемени приходи како никогаш досега, поголеми од 20%.

Ја вративме нашата земја повторно на мапата на светот. Рекоа: Северна Македонија е блескав пример. Економскиот раст од минус отиде во плус и постојано расте. Странските и домашните инвестиции постигнуваат рекорди. Невработеноста се спушти на историски најнизок процент. Платите растат.

Тоа се само дел од доказите дека сме на вистинскиот пат.

И сите да знаме, на патот по кој тргнавме сме на половина до целта. Имаме уште многу работа. И ќе ја сработиме.

Токму затоа, да продолжиме по патот на кој станавме дел од глобалната заедница.

Да продолжиме да градиме земја и општество праведно и фер за сите наши граѓани.

Не смееме да дозволиме да се заборави режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Газеа врз човековото достоинство. Тоа беше пред само две и пол години, а денес никој не сака да се повтори режим.

Затоа, постојано да потсетуваме на злоделата на ВМРО-ДПМНЕ, како наше второ правило

Второ правило: режим – никогаш повторно!

Кога беа на власт, никој не знаеше каква е нашата иднина. Не знаеја ниту тие. Ниту беа загрижени за тоа. Се грижеа само за нивните криминални операции, за прислушкување, за лично богатење.

Еве, ајде да споредиме:

Ние ја вративме нашата земја повторно на мапата на светот. Ни оддадоа признание дека Северна Македонија е блескав пример. Ние сме шампиони во енергетските реформи.

А тие – Најбогата партија во Европа! Шампиони по заробување на државата!

Ние собираме признанија за државата, остваруваме стратешки цели, повисоки плати, пад на невработеност, а тие имотни листови од парцели и деловни простории.

И пак се во долгови и во банкрот како партија!

Па тоа ли се домаќини??? На нив ли држава???

Па два бардаци вода да им дадеш да ги чуваат, двата ќе ги украдат и ќе избегаат во Будимпешта.

Ние штедиме пари за да вратиме назад кај граѓаните, а тие потрошија 30-тина милиони евра народни пари на медиуми за да купуваат вистина.

Вистина не се купува, вистината се живее.

Порано во земјава се шепотеше, денес и медиумите и граѓаните зборуваат гласно. Слободата е наша, ваша, твоја, на сите! Си ја вративме слободата!

И верувале или не. Денес сме во салата која го носи името на Борис Трајковски.

Случајот сакаше токму на ден денешен да се навршуваат точно 20 години од оној 15. декември 1999 година, кога мојот сограѓанин Борис Трајковски ја презеде функцијата шеф на државата, како втор претседател на Република Македонија.

Да беше жив, денес сигурно многу ќе се радуваше на влезот на земјава во НАТО – алијансата, затоа што и тој цврсто опстојуваше на таа линија. Но, да беше жив, сигурно ќе беше разочаран и посрамен од неговата ВМРО-ДПМНЕ и од сите монструозни потези што таа партија ги прави. Меѓу стотиците споменици што ги подигнаа во забеганиот проект „Скопје 2014“, не се најде ниту еден подигнат во негова чест.

Ќосето заслужил, ама претседателот Трајковски – не. Арно ама, во мојата и неговата Струмица гордо се издигнува негов споменик, подигнат одамна од Зоран Заев. Нека се знае, како се почитуваат вредностите. Има разлика и тоа голема.

Почитувани социјалдемократи,

На овој наш пат треба да ја завршиме борбата за правда. Тоа го очекуваат граѓаните. Тоа и ќе го добијат.

Нема компромис за вопоставување на правна држава и за владеење на правото. Нема компромис со криминалот. На тие што прават криминал, се знае каде им е местото.

Пукавме бомби, ги ставивме животите во залог за правната држава.

И сега да – запреме? Нема шанси!!!

Нема таков суд, судија, обвинител што ќе го запре овој процес! Нема шанси!!!

Дел од Судството и од обвинителството останаа последната тврдина на „заробената држава“.

Продолжија да ја контролираат работата и исходот на судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот.

Наместо да се ослободат од сопствените окови, овие Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата.

Како последни упоришта на „заробената правда“.

Ова мора да престане веднаш!

Тие институции мора да ја променат својата работа! И да одговараат пред граѓаните за својата работа!

Уште еднаш: Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш.

Нам ни треба судство кое одлучува, а не судство кое застарува предмети!

Го повикувам Судскиот Совет да ја оцени одговорноста на судиите за застарувањето на предметите и целосно да ја провери професионалноста и ажурноста на работата на судиите.

Ја повикуваме Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судските случаи за корупција и политички криминал.

Прочистувањето во судството е почнато!

Прочистување на судиите и обвинителите мора да има, зашто правда може да носат само праведни судии, а не кочничари на правдата.

Му се допаѓало тоа некому или не. Последните бастиони на заробената држава ќе паднат.

Мора да бидете подготвени да се залагате за тоа во што верувате. Владеењето на правото е една од тие работи. Владеење на правото, демократијата, слободата на говорот, слободата на изразување – не можеме да ги земеме здраво за готово.

Тие не се таму некаде, во некоја самопослуга па одиш и земаш колку што ти треба за денеска, за утре, за цела недела.

Замислете: ВМРО-ДПМНЕ владеењето на правото го имаше запишано во тефтерче.

Го собраа во едно тефтрече. Го заробија во тефтерче.

Ете толку беше лошо со ВМРО-ДПМНЕ. Ако се вратат, ќе биде – уште полошо.

Затоа нема да го дозволиме тоа! Режим – никогаш да не се повтори повеќе!

Почитувани,

Во овие две и пол години власт на централно и локално ниво имавме многу успеси. Имавме и грешки и слабости.

Но, научивме лекции! И тоа е нашето трето правило!

Нула толеранција за неодговорност! Нула толеранција за корупција!. Нула толеранција за конфликт на интерес! Кој сака нека биде!!!

Но, нашите научени лекции нема да се сведат само на пароли.

После победата на изборите, грешките од минатото заедно ќе ги анализираме и заедно ќе донесеме заклучоци за научените лекции.

А до тогаш!

Сите да се посветиме на успесите и на нашата заложба да не се врати режим во нашата земја.

За да го постигнеме тоа бидете победнички лидери. Кренете ја главата и потпрете се на успесите, не на грешките. Подгответе се да ги инспирирате другите да ни се придружат на патот напред.

Бидете лидери што ги обединуваат луѓето, зборувајте им на неодлучните. Зборувајте им на одлучните. Слушајте ги сите, а не само оние што се најгласни.

 

Бидете лидер што испорачува.

 

Toa ни е обврска за да ја изградиме татковината за да ја биде засекогаш. Да не отстапи пред ништо.

И ќе ја изградиме да биде засекогаш:

Земја достојна на нејзините граѓани!

Земја достоен партнер за сите нејзини сојузници!

Земја на слободата и на демократијата!

Да живее Северна Македонија!

Да живее Социјалдемократскиот сојуз на Македонија!

Да живеат нашите граѓаните!

Да сте живи и здрави!

 

Последни вести