Соопштение за јавност
Кога разговарам за политички партии кои се дел од Владата или кои се придружиле кон Владата моето правило до кое се придржувам е дека секогаш интересот на државата, на народот и спроведувањето на сите мерки кои се потребни за унапредување на стандардот на граѓаните, справување со економската криза, зголемување на инвестициите, се мотив и водилка за секоја политичка дебата, рече во денешното интервју за емисијата 360 степени на Алсат М телевизија, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Мојата работа во текот на целата измината година е фокусирана на три генерални теми. Прво справувањето со енергетската криза и заштита на животниот стандард на граѓаните, при што никој не беше оставен сам, и нема да биде оставен сам. Второ, енергетската транзиција и инвестиции во сите сектори. Знаете дека минатата година имавме највисоко ниво на инвестиции во историјата на независна Македонија, 465 милиони евра. Многу повеќе од кога се мислеше дека имаме најголемо ниво на инвестиции како на пример во 2014 година. Ако ги споредиме, минатата година во споредба со 2014 година имаме повеќе 167 милиони евра инвестиции и тоа во најкризната година. Третото е спроведувањето на скрининг процесот и непречено одвивање на европските интеграции на државата. Со оглед на тоа дека во јуни минатата година конечно после 17 години се почнати преговори со ЕУ. Тоа се трите основни претпоставки, нормално дека работиме и на други теми меѓутоа овие се трите клучни. Врз основа на овие ја градиме и политичката активност на СДСМ исто така и на коалиционата Влада која што ја предводиме.“ рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски за 360 степени.