Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Со вчерашното потпишување на Договорот со конзорциумот Бехтел и Енка, започнува реализација на историска инвестиција во патната инфраструктура.
Вкупната вредност на овој проект со кој ќе се изградат 110 километри автопатски делници на Коридорот 8 и Коридорот 10 д изнесува 1,3 милијарди евра, со рок на реализација од пет години.
Со оваа историска инвестиција ќе се градат патните правци Тетово- Гостивар во должина од над 17 километри, Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри, делницата Требениште – Струга – Ќафасан која е близу 22 километри и патниот правец односно автопатот Прилеп – Битола е во должина од речиси 40 километри.
Со изградбата на овие четири нови, модерни автопати, ја унапредуваме патната инфраструктура и овозможуваме поврзување со нашите соседи, а преку тоа и поврзување со важните трговски пристаништа од регионот.
За цели 32 години во нашата држава се изградени 186 километри автопати, а со овој договор, за само пет години, градиме 110 километри, модерни, европски, автопати.
Во меѓувреме, се градат и рехабилитираат експресни, магистрални и регионални делници низ целата држава, а во тек е и изградбата и реконструкцијата на дополнителни автопати во должина од 59 километри.
Реализацијата на автопатот Скопје –Блаце, кој чини 12,18 милиони евра исто така е во тек, а се забрза и процесот на железничкото поврзување и доизградба на Коридорот 8.
Сето тоа е показател за посветеноста на Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ на унапредување на патната инфраструктура за подобро поврзување на градовите во државата, но и на државата со соседите.
Тоа носи придобивки за граѓаните, за стопанството и останува како трајно добро во државата.
Продолжуваме со реализација на инвестиции кои го унапредуваат квалитетот на живот на сите граѓани.