Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Денеска одбележуваме три години од зачленувањето во НАТО, најголемиот и најмоќниот безбедносен сојуз во светот.
Во 2020 Собранието го усвои Северноатлантскиот протокол со што беше остварен последниот чекор кон зачленувањето во НАТО.
Со тоа, парламентарното мнозинство, Владата и институциите предводени од СДСМ ја остварија една од двете стратешки цели на државата.
Членството во НАТО донесе безбедност и сигурност на државата но и просперитет и нови можности за развој.
Со станувањето на 30та земја членка на НАТО и нашата економија стана поконкурентна и поатрактивна за нови големи странски инвестиции, а доказ за тоа е и рекордниот износ во 2022 од 735,8 милиони евра директни странски инвестиции.
Колку е важно што сме членка на НАТО се покажува и во овој период на руска агресија во Украина.
Иако беснее војна на тлото на Европа, ние сме заштитени, со неповредливост на територијалниот интегритет.
За жал и при реализација на оваа стратешка цел гледавме неодговорно и несериозно однесување од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Сите паметиме како Христијан Мицкоски овде во Собранието не смогна сили не аплаудираше при ратификација на членството во НАТО.
Денес истиот тој Мицкоски и истото тоа ВМРО-ДПМНЕ се противат на интеграцијата на државата во ЕУ.
Додека СДСМ со коалициските партнери носи државнички одлуки и ги реализира стратешките цели, ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во ниту еден државнички процес, нема донесено ниту една одлука за иднината на граѓаните.
Почитувани,
Три години членство во НАТО за нас е дополнителен мотив да продолжиме со реализација на потребните реформи важни за државата и процесот на пристапување кон ЕУ.
По реализација на првата, следува остварување и на втората стратешка цел а тоа е полноправно членство во ЕУ.