fbpx

Интервју на претседателот Заев за Ајриш Тајмс

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на претседателот на СДСМ Зоран Заев за ирскиот весник Ајриш Тајмс

Достапно на следниот линк.

 

Човекот кој треба да стане иден Премиер на Македонија, предупреди дека какви било погрешни чекори “би можеле да разгорат оган во државата”, во услови на улични протести и политички ќор-сокак, кој ги уништија надежите за крај на разорна двегодишна криза.

Лидерот на Социјалдемократите, Зоран Заев, исто така, рече дека тој и партиите од етничкото Албанско малцинство во Македонија, може да се обидат да формираат Влада без одобрување на Претседателот Ѓорге Иванов, кој одби да даде мандат на сојуз, за којшто тој тврди дека “се заканува на суверенитетот” на Балканска држава.

Г-дин Заев рече дека Претседателот “целосно” работи во интерес на неговиот сојузник Никола Груевски, чија националистичка партија тесно победи на изборите во Декември минатата година, но не успеа да најде партнери за да обезбеди мнозинство во Собранието на Македонија.

Илјадници луѓе протестираа во главниот град Скопје, во изминатите ноќи против предложената коалиција на г-дин Заев, која ќе им даде поголеми права на етничките Албанци во Македонија и подигање на статусот на нивниот јазик.

Лидерите на малцинските партии беа во посета на Албанија, за да ги формулираат своите реформски планови со нејзиниот Премиер, Еди Рама, во потег кој налути голем број Македонци и се разгореа стравувањата од етнички судири во државата, која речиси ќе беше втурната во граѓанска војна во 2001 година.

“Во секоја нормална демократија, Претседател кој има само церемонијална власт, ќе дадеше мандат за формирање Влада на оние кои имаат мнозинство”, изјави Г-дин Заев за Irish Times во Скопје. “Претседателот одлучи, со користење на смешни изговори, да не ни го даде мандатот. Тоа е неприфатлива ситуација”.

Во посета на Македонија, во Четвртокот, шефот за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, го критикуваше г-дин Иванов и го поддржаа барањето на Социјалдемократите и нивните сојузници на етничките Албанци – кои заедно имаат 67 од 120 парламентарни мандати – да се обидат да формираат Влада.

“Јас побарав од Претседателот да размислува за патот напред и да ја поништи својата одлука во интерес на сите граѓани во оваа земја”, рече Г-ѓа Могерини.

Реторика

Таа, исто така, ги повика сите политички лидери во Македонија да “ја намалат својата реторика и да се избегне дека оваа политичка и институционална криза станува меѓуетнички конфликт или уште полошо, геополитички конфликт”.

“Ова е комплексна земја во комплексен регион и живееме во комплексни времиња”, додаде таа.

Г-дин Иванов го отфрли нејзиниот апел, сепак, велејќи дека тој не може да даде мандат на некој кој предлага “платформа на странска држава, која се користи за да ја уценува Македонија, да ја загрози нејзината сувереност и независност. . . Граѓаните гласаа за Европски реформи, а не за странска платформа, откриена по изборите. “

Со повеќе протести, планирани за овој викенд, се чини дека ќор-сокакот ќе продолжи.

Г-дин Заев откри дека сепак, тој и неговите коалициски партнери може да го заобиколат Претседателот и да побараат одобрение од Парламентот за Влада, без неговата поддршка – потег кој, тој рече дека ќе биде совршено легален, ако не е идеален.

“Ние би сакале да го добиеме формалното одобрение на Претседателот, но тоа не е од суштинско значење. Тоа е убава традиција, да го прашаш таткото на невестата за нејзината рака за брак, но ако тој не ја даде, тогаш сеуште можете да се венчате “, рече тој.

Ваквиот потег би можело да ги разбесни поддржувачите на Г-дин Груевски, кој ја водеше Македонија скоро една деценија, пред да се повлече минатата година. Тој ги повика своите сонародници да се “мобилизираат” за одбрана на земјата, но многу критичари сметаат дека неговата вистинска цел е да се заштити себеси и своите блиски соработници од гонење (обвинителство).

Прислушување

Кризата започна пред две години, кога Г-дин Заев ја обвини владата на Груевски за нелегално прислушување на околу 20.000 луѓе, вклучувајќи многу од најмоќните поединци во Македонија.

Лидерот на Социјалдемократите почна со пуштање на снимките, во кои беа вмешани некои од соработниците на Г-дин Груевски, во сериозен криминал и корупција – наводи (тврдења), кои тие ги негираат.

Како дел од договорот, поддржан од Запад, за решавање на кризата, создадено е Специјално Јавно Обвинителство, за да ги истражува случаите, базирани на докази од прислушкувањето. Според неговиот мандат, тоа има само уште неколку месеци да поднесе тужби, што го доведува Г-дин Заев и многу други да веруваат дека Г-дин Груевски и неговите соработници очајно играат за време.

“Нивниот голем страв е дека тие ќе се соочат со кривична одговорност за своите дела. . . Тие се подготвени да направат сè, дури и очигледни и срамни чекори, за да го спречат демократскиот процес и да го блокираат владеењето на правото “, изјави Г-дин Заев. “Ние го спречивме режимот на изборите, со пенкала и гласачки ливчиња. Немаше крвопролевање или насилство. Видовме што се случи во Украина, Египет, Либија и на други места. Ние мора да се грижиме тука.

“Нашите противници ги повикуваат граѓаните на улиците, за да протестираат против Албанците и мултиетничката иднина на земјата. . . Јас многу се плашам од ова. Тоа е причината зошто ние мора да преземеме брзи, но внимателни чекори. Сега, во оваа атмосфера, би било многу лесно да се разгори оган во земјата. “

Како што предупреди Г-ѓа Могерини на можен нов геополитички конфликт на Балканот, Русија газеше во кризата, обвинувајќи го Западот дека се обидува да инсталира власт во Македонија, која ќе помогне на Албанија да продолжи со експанзионистички политики и да претендира на делови од Црна Гора, Србија, Грција и самата Македонија.

“Се плашам дека намерите на нашите Руски пријатели не се добри, а последната изјава од нив покажува дека тие заземаат страни тука”, рече Г-дин Заев. “Ние ќе бидеме среќни да соработуваме со Русија, но не постои алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО.

“Лесно е да се предизвикаат проблеми во мултиетничка држава како нашата, во регион како што е нашиот.”

Последни вести