fbpx

Заев: Одиме ЗАЕДНО, со Стево Претседател на сите граѓани кој се вклучува во трката за иднина и напредок

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 03.03.2019

 

Другарки и другари,

Делегати на 23-от Конгрес на СДСМ.

Почитувани претседатели и претставници на политичките партии од Коалицијата,
Почитувани гости,

Добредојдовте на 23 Конгрес на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.

Добредојдовте на конгресот на нашата партија која во изминатите две години, од претходниот конгрес во мај 2017 година до денеска, уште еднаш ја потврди својата државотворна улога и одговорност во пресудните моменти и настани од историјата на нашата современа држава.

Нашата партија, заедно со нејзините лидери и членство, никогаш не отстапи пред предизвиците. Секогаш ја преземаше одговорноста, донесуваше одлуки и спроведуваше рационални политики кои се покажаа како – историски.

Така беше во 1991 година, кога заедно со граѓаните на нашата земја учествувавме во процесот на прогласувањето на независноста на нашата земја.

Така беше во 2001 година, кога презедовме одговорност да го запреме меѓуетничкиот вооружен конфликт и со дијалог и со Охридскиот Рамковен Договор, да почнеме да ја градиме новата вредност на нашата општествена заедница – концептот „Едно општество за сите“.

Така беше во 2005 година, кога им дадовме силен импулс на европските вредности и на нашите аспирации за членство во Унијата, и ни беше доделен кандидатскиот статус.

Така беше во 2015 година, кога со Вистината за Македонија, со Граѓаните за Македонија, во Кампот на слободата, со Шарената револуција, тргнавме низ улиците на нашите градови. Кога трпеливо и мудро, низ политичките процеси – верувајќи во слобода, вистина, правда, еднаквост, напредок, и кога социјалдемократските вредности ги здруживме со цивилизациските граѓански вредности, за да си ја ослободиме заробената држава. За да ја оттргнеме од рацете на криминалната политичка врхушка и да им ја вратиме на граѓаните.

Така беше во 2017 и 2018 година, кога на 27 април се спротивставивме на насилството и кога новата владина коалиција донесе одлука дека ќе постигне договор за пријателство и добрососедство со Бугарија и дека ќе го реши тридеценискиот спор со Грција – за да го активираме процесот за членство за да бидеме 30-тата земја членка на НАТО и да ги отвориме поглавјата од преговорите со ЕУ.
Овие датуми и настани, овие историски одредници, го носат потписот на партијата СДСМ.
Шириме таков дух, такво пријателство, со сите соседи. На нашата земја гледаат како на пример за решавање спорови.

Тоа никој не може да го порекне. Денес слободно и гордо зборуваме за една понапредна држава – Република Северна Македонија – земја која станува дел од западниот демократски свет, држава која се менува кон подобро и која обезбедува подобар живот за своите граѓани, општество кое демонстрира заедништво.

СДСМ ја донесе новата реалност.

Нашата земја е пријател со сите свои соседи, целиот свет, со сите земји и меѓународни организации зборуваат во суперлативи во Северна Македонија.

Другарки и другари,

Почитувани граѓани, дозволете Вам, на сите граѓани на нашата земја да Ви упатам неколку искрени пораки:

СДСМ секогаш ќе знае и памети дека сето тоа го направи заедно со граѓаните и со нивните претставници во институциите.

Во нашиот парламент ги разбивме сите дилеми и потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што сите ја посакуваме: Признаена и ценета држава, земја членка на европското семејство и членка на НАТО.

Не прифатија како Mакедонци, со свој идентитет и своја гордост. Како земја во чиј идентитет се вградени и идентитетите и на сите нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, и сите други кои што живеат во нашата земја.

Заедно со нашиот пријател, прво Република Бугарија, а потоа и со Република Грција, ги отфрливме изолацијата и недоразбирањата.

Презедовме одговорност, и покажавме капацитети да решаваме, а не да одлагаме и да профитираме на штета на интересите на граѓаните и на стратешките цели на државата.
Граѓаните избраа иднина, просперитет, НАТО и ЕУ.

Почитувани сопартијци, почитувани претставници на коалицијата,

Нема запирање, нема здивнување, нема веќе пречки. Сега е време за нови потфати. Целото наше внимание сега го насочуваме кон домашните прашања. Сега само од нас дома тоа зависи, се што досега направивме беше да ги тргнеме настрана сите надворешни предуслови за да го донесеме дома во нашата земја животот, достоинствен за живеење тука, во нашата Република Северна Македонија

Шансата што ја создадовме сега е во нашите раце. Наша должност е, да го искористиме овој полет за да го обезбедиме до крај она за што се бориме: Подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија, подобри можности за нашите деца и земја со фер општество, поголем просперитет, растечка економија и подобри плати. Подобар здравствен систем, социјална правда и правен систем во кој ќе имаме доверба.

Како државотворна и одговорна партија, сега е време секој од нас, секој наш член и поддржувач, сите граѓани да дадеме максимален ангажман за да ги оствариме овие наши цели. Заедно да ги оствариме придобивките кои треба, кои мора, да ги почувствуваат сите наши граѓани. Секој наш сограѓанин, без разлика на партиската припадност или неприпадност. Сега е време сега да изработиме за татковината.

Влегуваме во сериозни економски и реформски иницијативи кои се на нашата приоритетна агенда за 2019 година:

Сега, кога ја обезбедивме нашата безбедност и стабилност како земја членка на НАТО, продолжуваме да ги убедуваме сите инвеститори дека имаат земја партнер и пријателска средина за бизнис и за нови работни места за нашите граѓани. Многу инвеститори го чекаа исходот од преговорите со Грција за да донесат одлука.

Имаме силни аргументи дека сме на вистинскиот пат, дека нашите економски политики даваат резултати. Историски резултати! Минатата година ја завршивме со рекордна вредност на странските директни инвестиции од 624,5 милиони евра. Тоа е речиси двојно повеќе од вредноста на инвестициите во 2017, или за 82 отсто повеќе од инвестициите на нашите претходници во нивната најдобра година, во 2011, или повеќе од 2012, 2013, 2014 година.

Ние за 20 месеци обезбедивме 18 одделни странски инвестиции, за разлика од тоталот од 23 за сите претходни 10 години. Дополнително нови 30-тина инвестиции имаме надвор од тир зоните.

Во 2018 година над 250 домашни компании добија финансиска поддршка преку Планот за економски раст, во 2019 очекувам тој број на компании да се зголеми.
Ова е силна потврда на нашата јасна визија и стратегија со која градиме силна економија која нуди шанси за сите.

Креираме и спроведуваме економски политики за финансиски стабилни семејства, за граѓани и компании како столбови на одржлива, силна економија.

Создадовме услови и политики од кои огромен дел од приходите во буџетот ќе бидат вложени во луѓето, во децата и младите, во човечкиот капитал, и во развој на нови инвестиции на компаниите за разлика од претходно кога парите на граѓаните се трошеа на споменици, луксуз, фонтани и гломазни згради од небулозниот проект Скопје 2014.

Оваа година започнуваме со изградба на Клиничкиот центар во Скопје, градиме нов автопат Скопје – Блаце, и почнуваме со изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште, после десетици години ја поместуваме од мртва точка железничката линија од Коридорот 8 кон Бугарија и Албанија.

Листата има уште многу проекти. Историски проекти кои ќе создадат нов дополнителен импулс за економијата.

Почитувани социјалдемократи, треба да се сте горди – Предводиме историска иницијатива за ослободување на институциите, за изградба и развој на државата и за обнова на општеството.
Но, другари,

Овој економски и интеграциски поход ќе даде вистински резултат само ако обезбедиме во Северна Македонија да се работи чесно и одговорно. Нашата земја, граѓаните и политичарите, сите заедно, мораме да и ставиме крај на корупцијата.

Да работиме посветено и внимателно, да внимаваме на етичките и морални норми, да покажеме интегритет и да ги поддржиме институциите да му пркосат на секој кој има намера да стекнува корист врз грбот на граѓаните.

Ние сме тие кои ќе ја поведеме и добиеме таа борба. Нема кој друг. Затоа барам вклученост од сите вас, од секој граѓанин, во оваа суштинска борба против повеќе-деценискиот проблем на нашето општество.

Да ја направиме нашата татковина да биде праведна земја со растечка економија, дел од глобалниот западен свет, е наша заедничка акција.

Промената бара работа и верба, секој ден, од секој од нас.

Да изградиме солидарна Северна Македонија е наша, заедничка цел.

Оваа визија, како и мисијата за обнова на целиот државен и општествен систем кој режимот претходно целосно го уништи, повикува заедно да ги здружиме сите наши капацитети, во сите сегменти на политичкиот систем.

Во таа насока денеска, објавувајќи ЗАЕДНИШТВО, на овој конгрес го промовираме кандидатот на коалицијата за претстојните претседателски избори.

Заеднички кандидат, за нашите заеднички цели – Северна Македонија земја на слободни и економски силни граѓани, земја во која солидарноста и правдата се наши темелни вредности.

Земја на еднакви граѓани, едно општество за сите.

Овие наши вредности, во заедница со силна демократска матрица и култура, го формираат нашиот морален компас за градење прогресивно општество по мерката на модерните европски демократии.

Од тие принципи и мерила изникнува и нашиот заеднички канидадат за претседател – Идниот претседател на Република Северна Македонија – Нашиот другар, пријател, претседател за сите –
Стево Пендаровски!

Стево е нашиот предлог. Уверени сме дека тој е нашиот избор за победа.

Новиот претседател на нашата земја е Стево Пендаровски.

Се обединивме околу идејата за заеднички кандидат за поддршка од огромно победничко мнозинство од граѓаните. За прв пат, имаме историски политички пресврт во нашата земја, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите други – застануваме ЗАЕДНО за да и обезбедиме на нашата земја претседател за сите наши граѓани. Ќе одиме ЗАЕДНО низ целата наша земја, да го поддржиме Стево – од Струга до Паланка, од Тетово до Гевгелија, вдолж и попреку низ сите градови, села и населби на нашата убава земја.

Стево Пендаровски е нашиот иден претседател на Република Северна Македонија.

Одиме ЗАЕДНО бидејќи знаеме дека на Македонија и е потребен Претседател кој со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе се приклучи во поддршка на нашата брза трака која земјата ја носи напред – кон сигурно иднина во во НАТО и ЕУ.
Претседател кој e противник на поделби и изолации и кој ќе ја промовира Северна Македонија како глобална и праведна земја.

Претседател кој ќе биде конструктивен и принципиелен партнер во започнатите реформски, интеграциски и економски процеси.

Стево Пендаровски е тој претседател – личност со интегритет, и со сериозно и темелно професионално и политичко искуство.

Бројот на годините поминати во политиката и во академијата, неговиот неспорен морален профил и неговата јасна визија за иднината на нашата земја, ветуваат дека имаме кандидат најдостоен да застане на чело на државата и да биде врховен командант на нашата армија.

Стево Пендаровски е потврда на концептот едно општество за сите во напредна, евро-атлантска Република Северна Македонија. Знам дека, како Претседател на сите граѓани на нашата земја, својата сила ќе ја влече и од сите наши граѓани, а не само од оние што ќе го дадат својот глас за неговата победа.

Победата на Стево Пендаровски на претстојните избори ќе биде уште една победа на нашиот заеднички пат.

Бидете уверени дека заеднички, сите ние граѓаните на нашата земја, заедно со Стево Пендаровски како наш Претседател – ќе ги оствариме сите наши заеднички цели.
Остануваме заедно на определбата да ја отфрламе политиката на песимизам, која тврди дека ништо не може да се направи.

Остануваме на определбата да го отфрламе јазикот на омраза.

Остануваме на определбата да градиме инклузивно општество и подобра иднина за сите.
Тоа е нашиот политички избор и одговорност. Тоа е избор за победа. Победа на претседателски избори кои мора да бидат и ќе бидат целосно демократски, успешни и ефикасни, избори на кои граѓаните масовно ќе излезат и ќе изберат ЗАЕДНИШТВО и ИДНИНА – ќе изберат да продолжиме да одиме НАПРЕД. На овие избори, конечно, ќе ја исправиме неправдата од 2014 година. Ќе го испратиме во историјата оној кој не требаше да добие мандат, оној кој откако го доби, го злоупотреби својот мандат за да шири омраза и да им штети на сопствените граѓани. Ќе кажеме збогум на Иванов и нему сличните.

Еве го Пендаровски, заедно со граѓаните, подготвен да преземе одговорност за новите предизвици кои се пред нас, да се приклучи кон лидерството кое нашата земја ја води напред кон западниот свет.

Другарки и другари,

Дозволете уште еднаш да се заблагодарам на сите наши, повеќе од 20 кандидати за претседател на државата. Сите квалитетни, храбри и достојни. Нивната големина да застанат позади заедништвото е наше богатство. Посебна благодарност упатувам до Радмила Шекеринска, до Никола Димитров и до Оливер Спасовски – тие се моторите, предна влеча на нашата влада – тие се тука, заедно со мене и со другите министри, да одработиме заедно за реформите, за да ја направиме земјава поубаво место за живеење за сите граѓани.

Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Се случи промена. Надежта се врати. Не е совршено, ниту лесно, но секој наш чекор е чекор во насока на праведност и правда, на развој и просперитет, на еднаквост и можност за сите.
Нема да престанеме да шириме надеж дека сме генерација која во критичен момент стана и нè потсети колку е навистина скапоцена демократијата, колку станува посилна кога се бориме за неа, кога веруваме во неа.

Јас верувам во секој припадник на оваа наша генерација. Верувам дека секој може да помогне, да го даде својот придонес кога пред себе ги имаме нашите заеднички цели – Да ја направиме Република Северна Македонија европска држава, општество како достоен дом за сите нејзини граѓани.

Додека ја делиме таа надеж, тој стремеж, јас ќе чекорам по тој пат, ќе не води претседателот, ајде сите заедно да продолжиме да чекориме по европскиот пат

Затоа:

Одиме во нова победа! Одиме во победа за граѓаните, за сите граѓани!
Одиме во нова победа за Република Северна Македонија и нејзиниот претседател Стево Пендаровски!

 

 

 

 

Последни вести