Обраќање, Фросина Ременски потпретседател на СДСМ
28.11.2018
Во рамките на првата седница на Интерпартиската парламентарна група за реформа, интеграција и помирување беше донесена одлука за формирање на три работни подгрупи за реформи, интеграција и помирувањето, изјави денеска потпретседателката на Собранието и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, која воедно е и потпретседателка на Интерпартиската парламентарна група.
„На денешната прва седница на Интерпартиската парламентарна група за реформа, интеграција и помирување, се согласивме, заради динамизирање и усогласување на текот на процесите, да формираме три подгрупи коишто ќе работат на трите подрачја, односно, на реформата, интеграцијата и помирувањето. Интеграцијата е во контекст на дебатата и подготвување на текстот на уставните измени што го гарантираат членството во ЕУ и НАТО, но и процеси што треба да рефлектираат заедничка перспектива и видик на сите пратеници за иднината на Македонија.
Втората група ќе работи на поширок план на помирување. Ќе анализира и ќе предлага решенија што се поврзани со причините и настаните од 27 април со долгорочен план за помирување. Ова е рефлексија на еден консензус помеѓу одговорни пратеници кои сметаат дека без помирување, односно без дебата за темите што не делат, не можеме да продолжиме по патот на интеграција и реформи. Третата подгрупа ќе работи можеби најдолго во оваа Интерпартиска група, ќе се занимава со прашањето на реформскиот процес за европската агенда. Тоа значи дека нашата цел како пратеници е преку градење на инклузивен процес и носење на одлуки со консензус за прашања што допираат реформи и двотретински закони кои произлегуваат од европската агенда, да бидат изградени преку консултативен процес и преку консензус преку оваа Интерпартиска парламентарна група“ изјави Ременски.
Потпретседателката Ременски посочи дека Интерпартиската парламентарната група како и трите подгрупи имаат право да ја консултираат стручната јавност во носењето одлуки и заклучоци на темите на кои ќе работат, и дека се очекува оваа група да функционира по примерот на останатите интерпартиски парламентарни групи.
Одговарајќи на новинарско прашања, потпретседателката Ременски истакна дека ниту Интерпартиската парламентарна група, ниту подгрупата за помирување нема да се мешаат во работата на судството и обвинителството.
„Правдата и праведноста треба да биде гарантирана од независноста на судството, тоа не значи дека ние ќе му кажеме на судството како да суди, како да ги мери доказите и како да ја утврдува вината, треба да има внимателен пристап во делот на фер судење и мерење на вината на оние кои учествувале во настаните на 27 април. Оваа група нема намера да биде обвинителство и суд и да се става над нив. Нашата идеја е да ги разгледаме можностите за сугестија на одредени предлози кои секако ќе бидат консултирани со стручни лица.“ посочи Ременски.
Работата на Интерпарламентарната група и нејзините подгрупи ќе продолжат и во наредниот период.