fbpx

Интервју на Спасовски за Стандард.мк

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски за порталот Стандард.мк

Стандард.мк: Политичките чинители различно реагираа на договорот што го постигнаа четирите партии. Дали Вие лично сте задоволен од договорот и сметате ли дека обезбедува услови за фер и демократски избори?

Спасовски: Договорот беше неопходен пред сé за граѓаните и за државата. Никој нема право за свои тесно партиски интереси, затоа што се плаши од фер и регуларни избори, бидејки досега победувале на криминални избори, како што слушнавме, зборувам, јасно е, за власта на Никола Груевски, да ја држи во заложништво егзистенцијата на граѓаните, економијата, сегашноста и иднината на оваа држава. Овој договор содржи конкретни рокови за исполнување на минимум услови за регуларни избори и треба да се гледа како мост до посакуваната цел – слободни, фер, регуларни предвремени парламентарни избори во декември.
Задоволен сум затоа што роковите овозможуваат најјасно до сега да се види, кој е за фер избори, а кој ќе сака да избега од нив. СДСМ во целиот овој процес е иницијативна, заедно со граѓаните прави сé во Македонија да има што побрзо регуларни избори коишто ќе и стават крај на политичката криза во земјава и ќе и овозможат да тргне напред со нова одговорна Влада и ќе продолжиме да дејствуваме во тој правец.

Стандард.мк: Во договорот од 20. јули пишува дека замениците министри во МВР и во Министертвото за труд и социјална политика ќе ги преземат функциите се до формирањето на новата Влада. Но Артан Груби рече дека по завршувањето на изборите, заменик министерот од ДУИ ќе го раководи МВР. Дали раководењето на МВР од министер Албанец е дел од договорот од 20. јули?

Спасовски: Договорот јасно предвидува дека министерот за внатрешни работи, тоа важи и за сите други министри од Владата формирана за организирање и спроведување фер избори, раководи со ресорното министерство до официјалното прогласување на резултатите од страна на ДИК.

ДИК знаете дека ги прогласува официјалните резултати откако ќе поминат сите рокови за жалби. Нашето учество во Владата за организирање и спроведување фер и регуларни избори е да придонесеме во изборниот процес да биде фер и регуларен. Откако ДИК ќе ги соопшти официјалните резултати, според Договорот, ние нашата преземена обврска сме ја завршиле, се повлекуваме и до формирањето на новата Влада со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика раководат замениците министри. Во МВР тоа е кадар на ДУИ, во Министертсвото за труд и социјална политика тоа е кадар на ромска партија. Тоа се фактите. Политиканство не би сакал да коментирам.

Стандард.мк: Ќе се вратите ли на чело на МВР во Владата пред изборите?

Спасовски: Одговорот ќе го слушнете од претседателот на СДСМ, Зоран Заев откако за тоа ќе одлучат органите и телата на партијата.

Стандард.мк: Ќе може ли да функционира новиот министер во согласност со измените што ги предвидува новиот договор – хоризонталните трансфери на вработените иницирани од министерот да бидат автоматски одобрени ако се најмногу 10 % од просечниот број на хоризонтални трансфери во годините 2013 и 2014 ?

Спасовски: Кадровските решенија во МВР мора се носат исклучиво според професионалните потреби на министерството, во функција на ефикасност и професионалност. МВРО, партиски директиви, реваншизам е недозволиво и на тоа крајот му доаѓа. Процесите на професионализација на МВР ги почнав, ќе продолжат по враќањето на Владата за организирање и спроведување фер избори, за да може да се обезбедат минимум услови за регуларни избори, а конечно квалитатнивни реформи во МВР ќе се случат по заминувањето на оваа штетна власт којашто го сруши државниот систем за свои приватни и партиски цели. Ќе биде преземено сé што е потребно, во интерес на граѓаните, според Договорот, министрите во Владата за организирање и спроведување фер избори да можат што поефективно да одговорат на преземените одговорности.

Стандард.мк: Ако ВМРО-ДПМНЕ не се придржуваше до Договорот од Пржино, има ли основа оптимизмот дека сега би било поинаку? Што доколку партијата на Никола Груевски не го почитува договореното?

Спасовски: Секое ново непочитување на договореното, носи уште поголеми ризици за државата којашто функционира на шкрги поради оваа себична, несериозна и неодговорна власт. Има Договор, со конкретни рокови и тие мора да се испочитуваат. Ако не се испочитуваат, целата одговорност за сé што се случува и ќе се случува, ќе има и конкретен виновник, највидлив досега. Тоа и сега сите знаеме кој е, и вие кажавте – ВМРО-ДПМНЕ, ќе додадам и Никола Груевски, кои се плашат од регуларни избори зашто знаат што ги чека. Но СДСМ заедно со граѓаните тргнаа во заштита на виталните државни интереси и од тоа назад нема.

Стандард.мк: Можно ли е да има нови санкции од меѓународната заедница, доколку не се спроведе Договорот што го постигнаа четирите партии?

Спасовски: Не можам да зборувам во име на меѓународната заедница за тоа, но едно е јасно, пораките се испратени од сите страни, и од домашната јавност и од светот кој виде со каква недемократска власт си имаат работа граѓаните на Македонија. За сите се јасни, јас мислам дека се јасни и за Груевски и неговото друштво во заминување.

Стандард.мк: Од Шарената револуција реагираа поради тоа што не беше вклучено граѓанското општество, ниту како набљудувач, ниту како консултант. СДСМ како партија во неколку наврати повика да се вклучи граѓанското општество. Зошто не беше вклучено?

Спасовски: Точно е, СДСМ во континуитет ги поддржува барањата на граѓанските организации и нашиот став е дека е потребно активно вклучување на граѓанскиот сектор во преговарачкиот процес. Власта на Груевски бега како од оган од граѓанските организации. Тоа говори за нивните недемокртаски капацитети за водење држава. Но тоа не нé спречи нас во нашата отвореност кон граѓанските организации со кои имаме добри, професионални односи. Ги земаме во предвид нивните сугестии, експертски гледишта, ставови и ги вградуваме во нашите политики. Така ќе продолжиме и во иднина кога ќе добиеме одговорност да ја водиме државата, што ќе се случи на следните регуларни избори. Ниту едно решение од конкретна област нема да биде донесено без консултација на засегнатите чинители и граѓанскиот сектор.

 

Последни вести